Квалитетната и богата програма на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, што се одржа под мотото „Македонистички гордорек“ и на овогодинешното, 57-мо изнадание, доживеа огромен успех.

По повод завршетокот на Летната школа, 65 македонисти од 17 земји, кои зедоа учество, порачаа дека македонистичката мисијата ќе расте, а посеаното македонистичко „семе“, ќе се умножува кон светот.

Како новитет на Летната школа, оваа година наставата од клупите на Конгресниот центар на УКИМ, се пресели и на повеќе локалитети и објекти на изворникот на сесловенската и македонска писменост и култура – градот Охрид и на поширокиот регион.

Прекрасната амбиентална перипатетичка настава наречена „По стапките на Свети Климента“, проф. д-р Димитар Пандев и проф д-р Кристина Николовска ја одржаа на: Плаошник, во култните спомен-куќи во стариот град и Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Настава се одржа и на Свети Наум.

„Вистинска восхит кај семинаристите предизвикаа културно-историските екскурзии, како што се: стариот град Охрид, патување со брод до Свети Наум, екскурзија во Вевчани и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Вистински настан беше врвната културно-уметничка програма на најеминентни уметници и научници на УКИМ како проф. д-р Драган Даутовски и д-р Андријана Јаневска. Прекрасни беа промоциите, средби со писатели, а големи резултати беа постигнати со Преведувачката работилница“, истакна директорката на Меѓународниот семинар, проф. д-р Кристина Николовска.

Таа нагласи, дека исто така, биле незаборавни и поетските вечери како: „Ганева вечер“ и „Петрева вечер“, на која семинаристите, со невиден ентиузијазам и љубов кон поезијата, ги интерпретирале своите препеви на „река од јазици“.

„Од препевите, се планира публикување на два зборника: „Гане Тодоровски на недорек јазици“ и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“, кои ќе содржат и сеќавања „Кажувачки“, со цел да се зачува културна меморија“, информираше директорката на Меѓународниот семинар.

Таа посочи дека исто така, огромно воодушевување предизвикале и „Чингова вечер“, „Македонска поетска вечер“ и „Слем поезија“, посочувајќи дека како и секогаш, омилен за семинаристите бил Курсот по македонски народни ора од АКУД „Мирче Ацев“.

На свеченото отворање на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова истакна дека, токму дејноста на Меѓународниот семинар низ неговата 57 годишна традиција и активност континуирано го афирмира македонскиот јазик како средство на духовна и жива активност.

„Дејноста на овој Семинар е висок приоритет на УКИМ на кој се дава максимална поддршка и афирмација, поаѓајќи од значењето на овој Семинар за македонистиката, Универзитетот и државата 2024 година ја прогласивме за година на македонистиката, сметајќи дека значењето на овој семинар е многу пошироко, интернационално“, нагласи тогаш ректорката Ангелова.

Манифестацијата се одржа со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, а дел од програмските активности се реализираа и со поддршка од Општина Охрид, и со други поддржувачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.