Каков е потенцијалот на креативните индустрии за економскиот развој на регионот и што може да се постигне со вмрежување и соработка? Одговори на дел од овие прашања дадоа креативци, економисти, иноватори, универзитетски професори на 4. Форум за креативни индустрии што се одржа во Скопје, во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје

 

Два трилиони долари вредат креативните индустрии во светот. Според податоците на Обединетите Нации, за секој вложен долар, овој сектор враќа 2,5 американски долари. Каков е потенцијалот на креативните индустрии за економскиот развој на регионот и што може да се постигне со вмрежување и соработка? Одговори на дел од овие прашања дадоа креативци, економисти, иноватори, универзитетски професори на 4. Форум за креативни индустрии што се одржа во Скопје, во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје.

 

Милан Лучиќ, раководител на секторот за уметност при регионалната канцеларија на Британскиот совет, вели дека втора година по ред го поддржуваат УМПАКИ и ја поздрави поддршката на министерот за култура и туризам Зоран Љутков и определбата за поттикнување на овој сектор. Лучиќ со задоволство забележа дека платформата расте и се развива.

 

Алма Мрган-Слипчевиќ, регионален претставник на УНЕСКО рече дека Форумот е почеток на нешта што допрва ќе се случуваат во поддршката и развојот на креативните индустрии, а во проектот се вклучени 130 организации. Шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Џаин вели дека тие имаат силно чувство за иновации и даваат поддршка на претприемачи за развој во ИТ индустриите, мода и секторот на храна. Таа додаде дека Шведска обрнува големо внимание на родовата еднаквост и благодарение на тоа во последните 30 години порастот на економијата во земјата бележи раст од 25 отсто.

 

Четири панели и неколку презентации на тековни проекти се одржаа во рамките на форумот. Сесијата „Креативноста како нова економија“ ја модерираше Јована Аврамовска-Николовска. За мапирањето како главни бариери за раст и пристап на малите и средни претпријатија до глобалните пазари и потребните интервенции за градење капацитети и инвестиции зборуваа економисти и претставници на неколку компании. Според Никица Мојсоска-Блажевски од „Македонија 2025“ за сите е корисно секторот за креативни индустрии да се формализира. Во моментот најголем проблем е законската регулатива и тежок пристап до финансирање, а предност е што креативните индустрии се флексибилни и може да се приспособат. Според Олимпија Христова-Заевска од „Елсон солушнс“, се очекува процентот на раст во креативните индустрии да порасне од 3,5 на 10 отсто.

– Креативните индустрии во 2022 година имаат постигнато раст во извоз од 350 отсто. Оваа бројка на секој економист ќе му го привлече вниманието – рече Христова-Заевска.

 

Сања Лазаревска, основачка и директорка на „Април22“, фирма што произведува еколошки, биоразградливи хулахопки и чорапи го раскажа своето искуство од идеја до развој на производ. Според неа, овој процес не може да трае помалку од осум месеци и треба секој да биде подготвен на предизвици што невозможно е да се предвидат при планирање, а се појавуваат за време на имплементација на проектот. Хејли Пеплер, претставничка на регионот Западен Мидлендс од Велика Британија рече дека денес е предност што глобалниот пазар е отворен за сите.

– За да успееш не е важно од каде доаѓаш, важна е идејата и нејзината добра реализација. Можностите на секторот се огромни и секој креативец треба да се чувствува како дел од светската индустрија. Треба да се размислува глобално – вели таа.

 

Инспиративна презентација на гејмингот како дел од ИТ индустријата имаше Гораст Цветковски, претседател на Македонската гејминг асоцијација (МГА).

– 12 години работам тука во гејминг индустријата, која во светски рамки тежи колку музичката и филмската индустрија заедно. Иако сите компании и инвеститори сфаќаат дека тука се парите, Македонија не прави ни 1 отсто од оваа заработка. За развој на гејминг индустријата исклучително е важно оваа област да влезе во сите нивоа на образованието. Ние почнавме во 2011 година и немаме системска поддршка од никого. Србија почна во 2019 почна и во моментот е најголема сила во Европа за игри – рече Цветковски.

 

Вториот панел се однесуваше на иновации во бизнис моделите на културните и креативните индустрии: Како дигиталните алатки, вештачката интелигенција и технолошките иновации ги преобразат креативните бизнис модели. Модератор на панелот беше Артур Ле Гал од КЕА Брисел. Анис Сефиданис, професор на УИНТ кој работи на полето на роботиката и вештачката интелигенција рече дека освен апокалиптичните и утописки сценарија, ВИ е нормален дел од човечката еволуција, треба максимално да се искористи тој потенцијал за да се ги рашириме границите на човековата креативност. Анета Антова-Пешева од МАСИТ рече дека од нејзиното 30-годишно искуство има различно мислење од повеќето економисти.

 

– Пред 30 години со колегите почнавме фирма во сферата на дигиталните технологии. Во креативните индустрии секогаш почнувате од креативноста, без разлика дали е во делот на хардвер или софтвер, музика или филм. Си ја ставате душата во етерот. Не размислувате: Како ќе заработам пари? Тие сами доаѓаат во зависност од производот – вели Антова-Пешева.

 

Таа изрази голема загриженост од брзиот развој на вештачката интелигенција и потенцира дека истражувањата покажуваат дека 300 милиони луѓе ќе ги загубат работните места до 2030 година. Затоа е исклучително важно државите што побрзо да донесат регулативи кои ќе ги заштитат креативните индустрии. Според Никола Додов, директор на ФИТР, иновациите се фокусот на новата европска агенда која е од големо значење за целото општество и ние мора да ја следиме.

 

Сузан Финеган, директорка на Culture Liverpool ги пренесе своите искуства, особено употребата на социјалните мрежи во анимирање публика.

– Можете да го сакате, можете да го мразите, но 40 отсто од светските трендсетери денес се на платформата ТикТок. Како ќе ја користите оваа платформа е пресудно за вашата мисија и анимирање на големите партнери – вели Финеган.

 

Димитар Јовевски, од Економскиот факултет во Скопје и директор на „Пиксел“ ја модерираше дебатата за улогата на универзитетите (и други засегнати страни) во развојот на креативната економија. Гордана Вренцоска од Европскиот универзитет вели работат по нови методи за да ги запознаат студентите со што повеќе вештини во едукацијата, но неопходна им е подобра регулатива во високото образование. Димитар Трајанов од ФИНКИ смета дека со развојот на ВИ мора да се приспособиме и да ја користиме таа технологија. Таа секако ќе дојде и со помош на новите алатки продуктивноста може да се зголеми за 15 отсто.

 

– Веќе не постои приказната за можности. Имаме исти можности со сите во светот – вели Трајанов.

 

Карлос Ваз де Карваљо од Универзитет „Политехнико“ од Порто, Португалија смета дека најдобра работа за новата технологија е што го достигнуваме светот. На овој пат, најважна е соработката меѓу луѓето. Ирис Цанај од Универзитет за арт во Тирана и основач на организацијата „Доарт“ вели, ако ја користиме технологијата како што треба, тоа ќе ни се врати како бумеранг. Тоа е алатка што може ни помогне, но и да го уништи животот. Затоа уметноста е импресија на нашата љубов, на хуманоста.

 

За авторските права и предизвиците што ги носи новата технологија зборуваа Никола Секуловиќ (Коприва, Словенија), Ребека Бувие (Авибел, Белгија) и Кристоф ван Варенберг (PlayRight, Белгија). Сите се децидни дека трудот на креативците не треба да биде само артистичко задоволство, туку и да се плати. Затоа личната финансиската едукација е многу важна, особено за младите креативци кои работат самостојно.

– Финансиската и социјалната сигурно се многу важни – рече Варенберг.

 

На Форумот беа презентирани и неколку инспиративни поединечни проекти, меѓу кои стрип заедницата „Парагонс“, проектот базиран на ВИ „Рекреирање на иконите“, приказната за македонската видео игра „Необичната приказна за Брајан Фишер“, како и Дигиталниот финансиски хаб при ИНОФЕИТ. Се одржаа и презентации на иновативни модели во креативните индустрии (хабови, културни центри, пренаменети простори во интерес на културата и креативните индустрии). Ана Илиќ го претстави проектот „Ложионица“ од Белград, Беноа Гарет го претстави „Базар.Кооп“ од Лил, Франција, Бранимир Жугиќ од Котор, Црна Гора ја претстави реконструкцијата на стариот затвор, а Стефан Момиќ зборуваше за пренамената на старата печатница на „Нова Македонија“ во иновативниот простор „Лабораториум“ во Скопје каде се одржа форумот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.