Со музичко-поетски перформанс на македонскиот пијанист Дино Имери и традиционалното палење на поетскиот оган вечерва свечено се отвори 63. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“.

Свеченоста се одржа во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политичкиот и културниот живот во земјава и почитувачи на пишаниот збор.

Чествувајќи ја 200-годишнината од кодифицирањето на Брајовото писмо, за првпат титуларната песна на „Струшките вечери на поезијата“, Константиновата “Т’га за југ“, беше прочитана од лицето со оштетен вид Беира Салифоска со помош на Брајовото писмо.

Со мотото „Допир на убавината“, оваа година оддаваме почит и одбележуваме 200 години од кодифицирањето на Брајовото писмо. Ако постои објективна реалност, каде убавината се восприема преку очите, тогаш Брајовото писмо е „окото“ за лицата со оштетен вид и слепите лица. Преку неговата рељефност, допирајќи го, тие се допрени од убавината на поезијата. Од врвот на прстите до дното на душата, рече актерката Софија Насевска-Трифуновска, која ја водеше свеченоста.

Поетската порака ја испрати македонскиот писател Веле Смилевски, кој посебен акцент стави на годинешниот лауреат, добитник на „Златниот венец“, Жан Пјер Симеон, а министерот за култура Зоран Љутков, отворајќи го Фестивалот посочи дека низ годините дел од фестивалот биле најкултните светски поетски имиња.

Вечерта продолжи со традиционалното поетското читање насловено „Меридијани“ на кое свои стихови прочитаа добитникот на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на наградата „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.

Оваа година, церемонијата на свеченото отворање се случуваше со специјално подготвена сценографија од ОТП студио, на начин што ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. Со ваквото поврзување се добива импресивен волумен, кој нуди безброј можности за мултимедијални настани од различен вид. Последен пат, ова е направено пред повеќе од 30 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.