Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска информираше дека Предлог законот за употреба на македонскиот јазик во петокот ќе биде ставен на дневен ред на собраниска седница.
Таа се надева дека истиот ќе се изгласа и ќе се пристапи кон неговата практична примена.
Костадиновска Стојчевска на денешниот панел што се одржува во рамки на конференцијата „Година на европски можности“ во Скопје уште еднаш потсети дека Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година нема претрпено никакви суштински разлики, освен административни усогласувања во 2017 година.
-Драго ми е што во петок на собраниска седница е веќе поставен Дополнетиот предлог на законот и се надевам дека ќе се изгласа и ќе можеме да пристапиме кон формирање на се она што предвидува законот, бидејќи само со такви механизми можеме да разговараме за понатамошна заштита на македонскиот јазик, рече Костадиновска Стојчевска.
Проф. д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик на денешната панел дискусија во врска со Предлог законот за употреба на македонскиот јазик рече дека Владата имаше „сенс“ дека треба да учествува во неговото оформување, заедно со научните работници и со македонистите од Институтот за македонски јазик, кои преку јавни трибини и дискусии, испратија сугестии и истите влегоа во Предлог законот.
Со овој Закон, како што рече, важно е што се проширува и се прецизира сферата каде што ќе треба задолжително да се употребува стандардниот македонски јазик. Ова, потенцираше, повлекува и друг елемент, а тоа е задолжително вработување на лектори со лиценца и задолжително лекторирање на текстовите.
-Со Законот се предвидува стипендирање на ученици од средните училишта од четврта година, кои се заинтересирани да студираат македонски јазик, потоа додипломски, постдипломски и докторски студии, со што ќе се зголеми интересот за студирање на македонски јазик, бидејќи како што знаеме, во изминативе години бројот на заинтересирани за студирање на катедрата за македонски јазик драстично опаѓа, додаде Костовска.
Таа потенцираше оти е добро што во рамките на Министерството за култура ќе се оформи Инспекторат, како правно тело кое што ќе биде задолжено за следење на примената на Законот за употреба на македонскиот јазик и ќе упатува онаму каде што тој не се применува воопшто или не се применува задоволително.
Костовска на панелот напомена дека во Институтот за македонски јазик цели 24 години немало вработено млад кадар, со исклучок на еден научник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.