Одбележувањето на 100-годишнината од Република Туркије на конференција „Туркије и Балканот на 100-годишнината од Републиката: Заедничко наследство, заедничка култура и заедничка иднина“ ги потенцирани долгите врски меѓу Туркије и Македонија.
Проф. д-р Лутфи Сунар истакна дека МБУ како институција со потекло од Туркије, со стотици студенти кои доаѓаат од Туркије овде во Скопје навистина е светилник на оваа заедничка агенда за градење зааедничка иднина, но и за заедничкото минато.

Јас воопшто не се чувствувам како странец овде, туку се чувствувам исто како во Мараш, Анкара или во Измир. Од друга страна пак, нашите пријатели од Македонија кога одат во Туркије го велат истото. Оваа емпатија, овој свет на заеднички емоции, овозможува да ги негуваме истите заеднички перспективи, а ние како МБУ придонесовме за ова во изминатите години и ќе продолжиме со оваа мисија и во иднина, истакна Сунар.

Зборувајќи за поврзаноста меѓу Туркије и регионов, академик Драги Георгиев, претседател на Националниот институт за историја пред присутните истакна дека Османлиската империја успеваше да ги држи луѓето од повеќе нации со различни култури, јазици, традиции заедно.

Повикувањето на ова наследство е важно за Балканот денес. Можеме да го забележиме во многу сфери на живеење, во архитектурата, структурата на градовите, музиката, кујната, јазикот. Речиси нема сфера каде тоа османслиско наследство не е присутно и го живееме секојдневно иако многумина од нас не се свесни за тоа, рече Георгиев.

Тој потенцираше дека мораме да го знаеме наследството од Османлиското време, да го сфатиме и да ја антиципираме иднината колку што можеме.

Мора да си го знаеме минатото за да можеме да ја видиме иднината. Овде зборувам за позитивните и хуманистички аспекти од Османлиската цивилизација. Да не ја ограничуваме таа култура етнички или верски, туку да ја гледаме како сплотување на повеќе култури, вери, десетици јазици и етнички групи кои живееја едни со други и се прифаќаа, создавајќи ја Османлиската култура, истакна академикот.
Би сакал да истакнам неколку сегменти од отоманското наследство кои, според мене, се импресивни и се дел, не само од нашето, туку и од светското културно наследство. Првите библиотеки на Балканот се формираат по доаѓањето на османлиите. Токму првите библиотеки се формирани во Скопје. Идејата за пренесување на знаењето први ја носат османлиите. Во македонскиот јазик постојат околу 5000 турцизми, а за поголемиот дел од нив не ни постои соодветна замена и се целосно присвоени во македонскиот јазик, но и во јазиците во земјите од Балканот“, потенцираше Георгиев.

Исто така, Шарената Џамија во Тетово е еден посебен бисер полн со автентичност и уметност што е препознатлива за овие простори и за Осмалниската империја. Старата скопска чаршија е простор каде најмногу може да се види тоа споделено османлиско наследство, преку менталитетот на самите луѓе кои работат во таа чаршија. Османлиите успеаа да воспостават стабилност и мир на многу голем простор во траење од 300 и повеќе години и да не дозволат да се создаде подлога за граѓански војни или востанија.
Настанот го модерираше д-р Актан Аго, истражувач во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ кој истакна дека низ историјата, Балканот бил најзападното населување на Турците, а првите турски населувања во овие земји биле направени од Хуните, а потоа продолжува со Аварите, Печенеците, Куманите. Сепак, Османлиската империја, која се населила на Балканот од крајот на 14 век, има неспорно културно и јазично влијание врз овој голем регион.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.