Изложбата „Супстрати“, како дел од иницијативата Отворен Балкан, која е заеднички проект на тројца уметници од Србија, Албанија и Македонија, ќе биде официјално отворена утре во Културниот центар на Србија во Париз, јави допсиникот на МИА од Белград.

На отворањето на изложбата, кураторот Клаудија Пецолд, основач на „Curating Evolution“, ќе им се обрати на присутните потпретседателот на Владата на Република Србија и министерката за култура Маја Гојковиќ, како и министрите за култура на Македонија и Албанија Бисера Костадиновска Стојчевска и Елва Маргарити, соопштија од српското Министерство за култура.

Изложбата „Супстрати“ ги проучува аспектите на културното и природното наследство на трите земји и укажува на заеднички сегменти (супстрати) кои го претставуваат регионот на Отворен Балкан.

Изложбата опфаќа нови дела на Нина Жељковиќ од Република Србија, Кристина Пулејкова од Македонија и Дријант Зенели од Албанија и се реализира под покровителство на министерствата за култура на трите земји.

Тројца истакнати современи уметници од регионот ги презентираат своите дела засновани на нивните уметнички истражувања во Србија, Албанија и Македонија.

Фокусирајќи се на современата уметност како платформа за освестување и трансформација на природното и културното наследство, проектот „Субстрати“ ги истакнува суштинските врски што постојат меѓу Србија, Албанија и Македонија, трите земји кои моментално учествуваат во проектот Отворен Балкан и повикува за повторно поврзување со заедничките геофизички основи, заеднички ритуали и имагинарии кои ги поврзуваат.

Публиката ќе може да ја посети изложбата во Париз до 12 август 2023 година.

Отворен Балкан е економска регионална иницијатива, која ја поттикнува соработката на трите земји од регионот – Србија, Македонија и Албанија. Во текот на изминатата година тој беше проширен и во областа на културата преку соработка на министерствата за култура на трите земји.

Согласно таа идеја, министерствата во соработка со Културниот центар на Србија во Париз го започнаа проектот „Сезона на Отворен Балкан“, кој во 2024 година ќе се одржи во Културниот центар на Србија во Париз со цел меѓународно да се претстави овој проект.

Програмата на „Сезоната на Отворен Балкан“ ќе биде можност за трите земји да ја претстават својата визија за балканската култура, својата уметничка сцена, приказни од историјата, митови и легенди, сето тоа во модерен концепт. Преку меѓукултурен дијалог и интердисциплинарен пристап, проектот ќе ги промовира културните и уметничките специфичности на Балканот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.