Александар Томовски, вечерва, во 20 часот, (13.10.2022) во МКЦ ја отвара изложбата на уметнички фотографии „Зад кулисите“.
Како фотограф кој фотографирал од инсекти до ѕвезди, природа, портрети, улици, настани.. можам да кажам дека балетската фотографија носи најголеми предизвици, но затоа и најмногу наградува. Приказната соодветно започнува во холот на МОБ, пред неколку години со трите балерини Мила, Христина, и Медина како дел од работилница за фотографија која што ја држев на Fashion&Lifestyle Expo; иако, сакам да верувам дека е започната многу поодамна, но чекала свое време и простор да се реализира. Преморени и повредени од подготовките за „Лебедово езеро“, го прифатија предизвикот и создадовме многу повеќе од добри фотки – енергија и пријателство коешто трае до денес. Ме поканија на претставата и long story short – оттогаш немам пропуштено балет; бев маѓепсан од убавината и чудесиите што ги изведуваат на сцената, но и заинтригиран да ѕирнам што тоа се случува и кои приказни се кријат „Зад кулисите“, го објаснува Томовски проектот.
Александар Томовски (1985 , Скопје) е софтверски инженер преку ден, фотограф и филмаџија во останатото време. Неговата љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се симнува и расте низ градските улици и доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација на уметниците. Можеби тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност којашто ја поседуваат, но и експресиите преку глумата, танцот, костимите…
Низ годините учествува на бројни престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со златни, сребрени, бронзени медали, почесни награди, дипломи..
Од септември 2022 се стекнува и со престижното звање Кандидат Мајстор на Фотографија при Националната Фото Унија на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.