Мој приоритет од самиот почеток на мојот мандат е целосната вклученост на младите во културата и токму тоа беше една од работите кои ги имплементиравме во Предлог-законот за култура, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната јавна расправа за Нацрт-текстот на Предлог-националната стратегија за развој на културата за периодот 2023 – 2027 година.

Министерката истакна дека главната цел е поврзување на младите што завршуваат на факултетите што продуцираат профили кои би можеле да работат во полето култура веднаш, без искуство, да можат да бидат примени на работа.

Предлог законот за култура, но и стратегијата, предвидува и некои измени во законот за волонтерство за да можеме тој вакуум-период од петгодишно искуство кој досега беше неопходен да се надмине преку волонтерство, летни школи или со било какво друго ангажирање на студентите во оние институции за кои тие се квалификувани, истакна Костадиновска-Стојчевска и нагласи дека нејзин приоритет е да се задржат младите во земјата бидејќи има голем дефицит на стручен кадар во областа културата.

Предлог-националната стратегија за развој на културата за периодот 2023 – 2027 година претставува основен стратегиски документ за културните политики на земјата со кој се утврдуваат насоките за дејствување на културните политики како и начините на нивно спроведување.

Како што кажа министерката, Стратегијата е документ кој Министерството за култура е обврзано да го изработи и овој документ заедно со Предлог-законот за култура претставуваат водечки документи на Министерството за култура.

На стратегијата конкретно рокот истечен и е од пред шест месеци кога веќе пристапивме да се работи, додека пак основната верзија на Законот за култура не беше променета од 1998 година со оние мали промени од 2014, 2015 и 2017 година, некои технички промени, така да овие два документи треба да се работат паралелно еден со друг за да не доаѓаме во ситуација на донесен Закон да треба да ја менуваме Стратегијата, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Материјата за стратегиски развој, како што презентираа на расправата, поделена е на три приоритетни области: институционална култура, вонинституционална култура и културни и креативни индустрии. Таа содржи и мерки чиј пристап е интерсекторски, ги вклучуваат институциите и чинителите во образованието и науката, економските сектори, културната дипломатија и туризмот, додека трансферзалниот пристап опфаќа релевантни теми и правци на развој кои ги засегаат сите сектори на кои треба заеднички да се пристапи, како на пример меѓународна соработка, развој на капацитети и образовни програми како и зелена трансформација на културниот сектор.

Со Стратегија ја се утврдуваат и среднорочните цели и приоритети за развојот на културата како и организациските, финансиските и административните мерки за нивно остварување.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека Стратегијата и Законот се поврзани документи и дека не можат да егзистираат едниот без другиот и нагласи дека секој министер кој носи еден ваков стратешки документ се не треба да биде оставен сам, туку мора да бидеме сите еднакво и заедно вклучени во овој процес, со што сумираше дека од сите нив зависи имплементацијата на Стратегијата.

Со предвидениот акциски план оваа стратегија е веќе документ кој сериозно се доближува до европските практики и политики за остварување и осмислување на културата до современ контекст, нагласи министерката.

Претседателка на Синдикатот на култура (СКРМ), Вера Атанасовска нагласи дека СКРМ нема некои посебни забелешки околу Стратегијата и дека единствено бараат истата да биде спроведена во рокот којшто е предвиден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.