Во организација на Народниот музеј од Велес со поддршка од Министерството за култура синоќа во Ликовниот салон во овој град беше отворена самостојната изложба на сликарот Стефан Хаџи Николов на која се претставени 38 слики, од кои најголемиот дел се изработени последниве две години, а има и слики од неговото творештво од 2009 наваму.

Ова е негова втора самостојна изложба во Велес по пауза од 15 година, откако во 2009 година беше отворена првата негова изложба во овој град.

Како што појасни промоторот Елица Николова од Народниот музеј  изложени слики се со фигуративна тематика и апстрактни композиции од циклусот „Пејсажи на душата“, избор од претходните 15 години како и десетина нови дела.

Хаџи-Николов во изјава за МИА вели дека целта на изложбата му била да го донесе најдоброто што го има во неговото ликовно студио според просторот што го нуди овој ликовен салон.

– На оваа изложба ги претставив моите дела за кои мислам дека се најинтересни изработени во овој период за велешката публика да види што сум работел во меѓувреме. Тие можат да видат дека фигурацијата и понатаму ја продолжувам, но имам и една серија каде фигурите се минимилистички прикажани со едноставна позадина со едноставен фонд кој е бел, црвен, зелен, сив. Исто така изложив и доста нефигуративни слики, а тоа ми се пејсажи на душата, каде ги сликам некои мои душевни пејсажи кои не личат на некој пејсаж кој го гледаме во природата, туку тоа излегува од мојата душа, како размислувам и како нешто би требало да изгледа. Имам и три дела кои се поврзани со виното и грозјето, рече Хаџи-Николов.

Хаџи Николов планира за три до четири години да ја направи и својата јубилејна 100-та изложба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.