Во спомен собата на Васил Хаџиманов е донесено столчето за пијаното на кое музицирал најпознатиот и прв етномузиколог во Македонија, информираа денеска од Музеј галеријата во Кавадарци.
Благодарност до неговата внука Милка Хаџиманова Китаноска за отстапениот предмет, напишаа од Музејот на музејскиот фејсбук профил.
Историчарот Мики Камчевски, потсети за МИА дека станува збор за кавадарчанецот, што македонската народна песна, ја сочува од заборавот.
Се работи за еден од најголемите и најупорните македонски етномузиколози, мелографи, фолклористи и интерпретатори на македонскте народни песни. Хаџиманов бил роден во Кавадарци во угледно граѓанско и револуционерно семејство. Неговиот татко Лазар бил еден од големите соработници на македонската револуционерна организација и поради таа негова активност бил уапсен и осуден на долгогодишна затворска казна во Анадолија. Неговата мајка била сестра на познатите македонски револуционери Лазар и Илија Боцеви, долгогодишни борци во четите на тиквешките војводи Петар Јуруков, Добри Даскалов и Пешо Самарџиев. Завршил основно образование во Кавадарци а гимназија во Велес и во Скопје. Свирел на скоро сите жичени инструменти, а тоа му овозможило уште како ученик во Велес да им дава часови на поимотните велешки деца и со тоа да обезбедува дополнителни средства за своето образование, рече Камчевски, професор по историја во основното општинско училиште ,,Тошо Велков – Пепето”.
Во Загреб се запишал на Фармацевтскиот факултет, на кој и дипломирал, а во 1935 година станал и магистер по фармација. Во Кавадарци работел како наставник по музичко воспитување, а во 1937 година се вработил како аптекарски помошник кај Бошко Марковиќ, сопственик на првата аптека во Кавадарци, сместена во Хотелот ,,Југославија“ на Петре Американецот.
Васил Хаџиманов, заедно со Славчо Темков биле идејните водачи на културното живеење во Кавадарци во периодот помеѓу двете светски војни. Во 1938 година пројавил и политичка активност и заедно со Тодор Кимов ја организирале кампањата за кандидирање на Бошко Марковиќ на листата на Демократската партија на парламентарните избори во 1938 година. Во Кавадарци Васил раководел со оркестарот на гимназијата, а формирал и ,,Тиквешка фолклорна група“ во која освен играорци имало и врвни инструменталисти. Истата година во договор и со подршка на една група богати кавадаречки трговци и занаетчии кои работеле во Белград, организирале учество на неговата фолклорна група на Фолклорниот фестивал во Белград. На фестивалот во Белград неговата група го освоила првото место и со тоа се стекнала со право да учествува на Меѓународниот фестивал за фолклор во Њујорк, САД. Покрај неколкуте настапи во Белград, Васил за Радио Белград ги направил првите снимки на македонски народни песни, додаде Камчевски.
Тој нагласи дека за време на својот живот, Васил Хаџиманов успеал да собере повеќе од 6000 македонски народни песни од сите краишта на Македонија, а само 500 од нив се објавени во четири зборника.
Сите овие песни ги собирал со голема љубов и ентузијазам. Во 1944 година како борец се вклучил во партизанскиот одред ,,Јане Сандански“, а по завршувањето на војната во 1947 година се вработил како уредник во редакцијата за народна музика на Радио Скопје, каде што имал можност не само да ја собира и проучува, туку и да ја популаризира македонската народна музика, како дел од македонското национално и културно наследство. Васил Хаџиманов бил член на друштвото на композиторите на Македонија, на фолклористите на Македонија, на Интернационалното здружение на музичките фолклористи во Лондон, на Здружението на етномузиколозите во Њујорк итн. Благодарение на неговата макотрпна работа, многу македонски народни песни се сочувани до денес и сеуште се наоѓаат на репертоарот на голем број исполнители. Васил Хаџиманов почина во Скопје во 1969 година, на 63 годишна возраст, потсети Камчевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.