Во присуство на голем број посетители во петокот во Солун беше отворена самостојната изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски под наслов „Неизложени дела на хартија“, а делата во општинската галерија ќе бидат изложени до 29 април, јави дописничката на МИА од Атина.
Изложбата ја отвори генералниот конзул на Македонија во Солун Дејан Ѓучиќ.
Во пресрет на изложбата Андреевски посочи дека поставката посочува на некој начин е продолжение на големото ретроспективно претставување со наслов „ХАРТИИ“ што се случи минатиот мај, во Музејот на македонската борба за самостојност, во Скопје.
-Имено, голем дел од селектираните дела не можеа да бидат изложени во музејот, минатата година, заради лимитираниот простор. Токму тие дела ќе и бидат претставени на публиката во Солун. Тоа се цртежи и слики од различни творечки фази и тематски циклуси, главно инспирирани од патувањата на авторот низ светот. Создадени се на различни видови хартија – од обична, професионална и рециклирана Арш хартија, до рачно изработена јапонска хартија – Ваши, наведе ликовниот уметник.
Реализацијата на проектот е овозможена од Министерство за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.