Во Пустец, во организација на здружението „Книжевен и културен активизам“ и македонското друштво “Сонце”, денеска беше промовирано делото “Буре барут”, на драматургот Дејан Дуковски, во превод на албански јазик, објави весникот “Македониум”. На презентацијата присуствуваше и Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факутет при Универзитетот “Фан С. Ноли” во Корча, Пали Колефски, градоначалник на Општина Пустец, Васил Стерјовски, претседател на “Сонце” и лидер на МАЕИ, наставници и ученици од средното училиште “Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиовски” од Пустец и други гости. Делото “Буре барут” на албански јазик го презентираше Ерис Руси, професор на Универзитетот во Корча и претседател на здружението „Книжевен и културен активизам“.
– Благодарение на соработката со Институтот за книга и промоција во Албанија, здружението „Книжевен и културен активизам“ и даде живот на иницијативата „Соседите пред огледалото“ и ја донесе на албански јазик драмата „Буре барут“ на познатиот автор Дејан Дуковски од Македонија, во превод на познатата преведувачка Милена Селими. Дејан Дуковски зазема значајно место во Македонија и е еден од најценетите драматурзи во панорамата на драмската уметност во Европа, рекол Руси.
Додал дека “како конкретен сведок на војната и конфликтите на Балканот, Дуковски ги опишува нејзините последици во претстава која е поделена на седум моменти, во секој населен со гротескен микрокосмос на очајни ликови кои го претставуваат сиот експлозивен потенцијал на ситуациите во кои секогаш се наоѓаат на работ на насилство”.
Според промоторот, „Буре барут“ не е само расплет на балканската природа, на контрадикторноста и апсурдноста што го анимира животот на заедниците и културите во постојан меѓусебен контакт. [промоција, буре барут, дуковски, пустец]
– Овој текст го означува и надминувањето на лингвистичката граница, за да се приближиме до реалноста во која сите ќе можеме да се видиме како пред огледало каде што се одразуваат и нашиот сосед и нашата вчерашносот, историјата која негувала мир и конфликти меѓу нас. Ова беше причината што здружението „Книжевен и културен активизам“ одлучи на албански јазик да ја објави една од најмоќните драми на овој познат автор, на начин што објавувањето на текстот да циркулира, презентира и се дискутира на средби со експерти во ова поле, љубителите на драмската уметност и младите луѓе кои во театарот наоѓаат сила да ја променат реалноста, посочил Руси.
Драмата „Буре барут“, додал тој, е евокација на ужасот за кој треба да се разговара и да се оспори во неговата темнина, а дијалозите исполнети со тензија, парадокс и апсурд, на читателите им даваат простор за дебата за содржината на делото, за драмската уметност, за сличностите и разликите меѓу албанската и македонската култура, гледајќи ги нашите соседи како лице на огледало во кое се отсликува сопственото јас.
Градоначалникот Колефски ги поздравил присутните и се заблагодарил на организаторите, а во поздравите збор Стерјовски ветил повеќе вакви и слични културни активности во иднина. Промоција на делото „Буре барут“ на авторот Дејан Дуковски ќе се организира и во Корча на 27-ми месецов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.