Со претставата „Убавицата и ѕверот“ денеска во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ почна петтото издание на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“. До сабота, детската и младинската публика ќе види пет претстави за деца и млади („Убавицата и ѕверот“, „Чернодрински се враќа дома“, „Бременски музиканти“, „Сомнително лице“, „Книголандија“), како и работилници за уметничките елементи за обликување на една претстава.
Организатори на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“, се Здружението за култура, уметност и социјално претприемаштво Прилеп и актерките Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумоска.
Петта година театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ е значаен настан кој продолжува да го збогатува културниот живот кај најмладите. Фестивалот нуди многу придобивки за развојот на децата и за културниот живот на заедницата. Тој е важен од повеќе аспекти: за развивање на креативноста кај децата, за збогатување на образованието, развивање на социјални вештини, јакнење на емотивната интелигенција како и за критичкото размислување, вели актерката Марија Спиркоска Илијеска.
Фестивалот е битен чекор во продолжувањето на традицијата на промоција на театарот за деца.
Секој ден имаме посета на градинки за најмалите деца да земат учество во интерактивните активности и игри. Работилниците кои се предвидени за оваа година, се од различен уметнички свет. Танц, ликовна уметност и драмска култура за да можат децата да се запознаат со основните принципи на и правци во уметноста, објаснува актерката Ангела Наумоска.
И оваа година театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ ќе заврши со забава за целото семејство со „5+ Бенд концерт“.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.