На 5.05.2023 (петок) во 18 часот во КСП Центар јадро ќе се одржи проекција на трилогијата „Во потрага по главната улица Америка“, а потоа ќе следи разговор меѓу авторот, Наум Пановски и филмскиот критичар Благоја Куновски – Доре.

„Во потрага по главната улица Америка“ е документарен видео колаж/асамблаж во  три дела, изработен од архивски и актуелен видео материјал, во чиј фокус е тоа што се случува денес во Америка. Станува збор за типичен „On the Road филм“, раскажан преку авторовото еднонеделно патување од Њујорк до Санта Моника во Калифорнија. Филмот се обидува да ги опсервира потресните и болни прашања за Америка и нејзините сложени противречности кои сите ги имаме посведочено во последните пет години и кои доведоа до ужасен јуриш на неоконзервативизмот и на она што денес се именува како агресија на белата супериорност врз цивилната и демократска Америка.

Наум Пановски е театарски режисер, професор по режија и глума, теорија на театар, критика, драматургија и естетика. Дипломирал режија и магистрирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Белград, Југославија. Посетувал постдипломски студии по режија на Tisch School of Arts- на Универзитетот Њујорк, а докторирал театарска естетика на Универзитетот Тексас во Далас, Тексас. Тој е Фулбрајтов професор и експерт и уметнички директор на театарскиот проект Поезис (Poiesis Theatre Project) во Њујорк.

Во изминатите триесет и пет години, Наум Пановски професионално работел во театар, на филм и телевизија и бил универзитетски професор во земјите од поранешна Југославија (Босна, Хрватска, Македонија, Словенија, Србија), во Европа и во САД. Неговото професионално театарско искуство вклучува работа како режисер, драматург, уметнички советник или продуцент на повеќе од педесет театарски продукции создадени во професионални театри ширум светот. За време на неговата динамична кариера како режисер и драматург, тој работел со водечки драматурзи и актери во поранешна Југославија и во САД, како што се добитникот на Пулицерова награда – Пол Зиндел, добитникот на наградата „Оби“- Марија Ајрин Форнес и Жан Клод ван Итали, Едуардо Мачадо, Роланд Рид. Соработувал со поетите Луис Симпсон и В. Х.Оден, добитници на Пулицерова награда, водечките европски драматурзи Слободан Шнајдер, Горан Стефановски, Ненад Прокиќ, Иво Брешан, Џевад Карахасан, режисери и теоретичари како Карл Вебер, Мирјана Миоцоиновиќ, Тед Хофман, Брукс Мекнамара, Мајкл Кирби, Ричард Шехнер, Џозеф Чајкин, актерите Мира Фурлан, Вилијам Надилам, Ина Гогалова, Милка Кокотовиќ, Мише Мартиновиќ, Љуба Тадиќ, Љиљана Крстиќ, Милица Стојанова како и со бардот на југословенскиот театар Милошевиќ.

Проникливата и научна работа на Пановски и богатото искуство што го стекнал во Америка се тесно поврзани со работата на Роберт В.Кориган, еден од основачите на Tisch School of Arts. На покана на Кориган и под негово раководство во 1992 година, Пановски се преселил во САД и бил негов близок соработник се до неговата смрт..

Како универзитетски професор и писател во Југославија и во САД, Пановски објавил бројни статии за различни естетски теми и прашања од пошироко театарско значење, во специјализирани стручни публикации како што се Performing Arts Journal, American Theatre, Scena. Има учествувано на бројни собири и симпозиуми и бил член на советот и раководител на катедрата за режија и театар на неколку американски универзитети.

Пановски е автор на две книги, од кој втората,„Режија Поезис“, се занимава исклучиво со режисерската уметност и нејзината примена во театарската уметност од теоретска, политичко-структурна, социјална и историска перспектива. Насоката на Поезис, во смисла на длабока рефлексија, има свои корени во естетиката и филозофијата на уметноста. Во основата на својот аргумент, оваа книга го поставува најважното прашање во историјата и теоријата на театарот – што е режијата? Книгата е објавена од издавачката куќа Питер Ланг од Њујорк во 1993 година.

Како професор по режија, теорија и критика, Пановски предавал на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Македонија, Универзитетот Тексас во Далас, Универзитетот за уметности во Филаделфија, Католичкиот универзитет во Вашингтон, Д.Ц., Универзитетот во Њујорк , Театарски и филмски институт – Ли Стразберг.
Држел предавања, презентации и работилници за различните аспекти на театарот, режисерската практика и изведбата меѓу кои и симпозиумот на режисери La MaMa во Сполето, Универзитетот Јеил, колеџот Смит во Нортхемптон, колеџот Бантли во Бостон, на Академијата за Театарски уметности во Сараево и многу други институции.

Наум Пановски е добитник на повеќе награди за неговото режисерско-педагошкото творештво, а неговиот уметнички опус е меѓународно признат.

Повеќе информации за творештвото на Наум Пановски можете да најдете на: www.naum-paovski.net



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.