Во недела 9 јули од 11 часот во НУ „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана четиријазичната стихозбирка „Македонски погледи / Sguardi macedoni / Miradas macedonias / Macedonian glances“ од авторите Ернесто Ередеро дел Кампо и Марио Де Роза во издание на „ПНВ Публикации“, Скопје.
„Македонски погледи“ претставува поетско патување на двајца дипломати и пријатели. Станува збор за четиријазично издание, односно триесетина песни од двајцата автори се запишани на нивниот мајчин јазик, преведени на јазикот на другиот, како и на англиски и на македонски јазик, а покрај песните, во книгата се поместени неколку фотографии од фотографката Маја Краљевска.
Ернесто Ередеро дел Кампо (Ваљадолид, 1977) е неуморен духовен трагач, дипломат по професија, филозоф по образование и уметник по вокација. Како филозоф, неговите главни теми на проучување биле скептицизмот и делата на Емил Чоран и на Лудвиг Витгенштајн. Како дипломат, тој ѝ служел на Шпанија во голем број земји. Последната, Македонија. Соработува како предавач со Филозофското друштво на Македонија, а ова е негова втора стихозбирка објавена на македонски јазик.
Марио Де Роза (1991) е италијански писател и поет. Тој е дипломат и моментално заменик-шеф на мисијата на Италијанската амбасада во Македонија, докторирал административно право и соработува со неколку универзитети. Покрај дела од правната област, има објавено и четири стихозбирки со наслов „И, конечно врне…“ (Бастоги, 2008), „Линии и граници“ (Монтедит, 2010), „Херои без ровови“ (Тигулиана, 2017), „Светулки и комарци“ (2020, последната заедно со уметникот и поет Алдо Терминиело), добивајќи награди на национални и меѓународни литературни конкурси. Неговите стихови се движат од класична метричка поезија до слободен стих, опфаќајќи мноштво теми коишто го наведуваат да ги истражува големите прашања на човековото постоење, како што се причините за љубовта и животот, врските и пријателството меѓу луѓето и со Бога, како и општествената динамика на нашето време.
На промоцијата во Охрид стихови од двајцата автори ќе презентира Ружица Паункоска, воведничар и модератор ќе биде Милчо Јованоски – директор на Библиотеката а авторите дел Кампо и Де Роза ќе ги читаат своите песни на шпански и италијански јазик.
Тие очекуваат да се развие и дискусија со присутните и велат дека така на еден лежерен начин ќе можат да го опишат патот на создавањето на стиховите и нивните емоции доживеани при престојот во нашата земја.
Неделното поетско матине во Охрид како што велат авторите на стихозбирката ќе биде „зачинето“ и со музичката придружба од страна на познатиот македонски гитарист Дарко Багески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.