Во моето општество, моќта се наследува побрзо отколку болестите, но безбедноста на литературата е токму во нејзината ненаследност и неделивост, во отсуството на тестаменти и завети, рече синоќа писателот Никола Маџиров на свеченото отворање на осмото издание на Фестивалот на европската литература Букстар (Книжевни ѕвезди) во Скопје.
Фестивалот, чиј прв ден помина со одличен одзив на публиката, за отворен го прогласи писателот Никола Маџиров, кој имаше импресивно почесно обраќање.
Kнигата некогаш била воздух меѓу двајца раскажувачи кои не сакале сведоци. Била и лузна врз лицето на камен — несакан пронајдок од дивите копачи на злато. Била и печат врз кора на убиено дрво. И разнесени листови од ветровите и војните. Била и пламен во најтемните епохи на човештвото. Книгата ќе остане течнокристална тајна што археолозите нема да ја пронајдат во ниту еден богат гроб. Но, нема ниту причина да се копа, да се најде она што продира во длабочините на светот надвор од сомнителните сеќавања на историјата. И не мислам дека книжевноста ќе го ослободи светот од решетките на неговите меридијани, ниту дека таа е бегство или прибежиште од стварноста. Литературата е засолниште во стварноста – рече Маџиров.
Како што кажа понатаму во говорот, книжевноста е ненаследна просторија на заедничкото раѓање.
Како читател, мислам дека книжевната меморија е наследна на поинаков начин — како почеток на нов свет. Повикувањето на неа не завршува само со сентиментално и селективно прераскажување како над нечиј свеж гроб. Книжевната меморија е тесно поврзана со слободата на постоењето, дури и тогаш кога ги оживува сликите на војните, откоренувањата и враќањата кога веќе ништо не постои. Освен нагонот во себе силно да се викне, за да те чуе времето – рече Маџиров.
На годинашниот фестивал ќе гостуваат автори од Македонија, Исланд, Бугарија, Литванија, Хрватска, Романија, Италија и Словачка, кои ќе учествуваат во книжевни разговори, поткасти, работилница за раскажување приказни, читање и предавање.
Претходно беше објавено дека наградата Букстар за 2022 ја доби белоруската нобеловка Светлана Алексиевич за книгата „Војната нема женско лице“. Ќе бидат доделени и наградата за најактуелна книга меѓу две фестивалски изданија и нововостановената награда за најдобар превод „Драги“, во чест на Драги Михајловски.
Фестивалската програма ќе се одвива во МКЦ, библиотеката „Браќа Миладиновци“ и во КСЦ „Центар – Јадро“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.