Во галеријата на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје денеска во 12 часот ќе биде отворена изложбата „Дипломатија и уметност“, која содржи слики од ликовниот фонд на Министерството за надворешни работи на Бугарија. Изложбата ќе биде отворена по повод Националниот ден на Бугарија – 3 март.

Изложбата ја реализира Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје во партнерство со Државниот културен институт на Министерството за надворешни работи на Бугарија.

На изложбата „Дипломатија и уметност“ ќе бидат претставени 22 слики на етаблирани бугарски уметници од повоениот период, кои успеале да ги зачуваат достигнувањата во областа на ликовната уметност од претходните генерации уметници, вклучувајќи ги нивните креативни определби.

Застапени се авторите кои твореле во 40-тите и 50-тите години на минатиот век – Константин Штаркелов, Дењу Чоканов, Атанас Михов, Здравко Александров, Васил Стоилов, а потоа следуват оние кои твореле во 60-тите години – Владимир Мански, Вања Дечева, Тодор Динов, Борис Ненов, Владимир Гоев.

Преовладуваат живописни платна, со пејзажи.

Новите трендови од 70-тите и 80-тите години на минатиот век воуметноста на следните генерации се поврзани со поедноставување на уметничката слика, изградба на национален стил со оригинални интерпретации, нова материјалност, појава на асоцијативно сликарство, монохроматски слики и така натаму. Тука се застапени Најден Петков, Андреј Лекарски, Георги Божилов, Јордан Кацамунски, Светлин Русев, а потоа следуваат Георги Баев, Свилен Блажев, Стојан Цанев, Велико Маринчевски, Иван Милев. Списокот на автори претставени на изложбата завршува со современиот уметник Алцек Мишев.

Неговата минијатура на табла ја пресоздава неговата кампања „Пливање преку Атлантикот“ /1979 – 1982 година/, каде Мишев го „преминал“ Атлантскиот Океан, пливајќи десетици километри дневно во базенот на прекуокеанскиот брод „Кралица Елизабета – 2“. Оваа изложба е продолжение на оригиналната изложба од 2019 година – „Дипломатија и уметност“, посветена на 140 години од формирањето на Бугарската дипломатска служба, која со голем успех беше претставена во голем број национални и регионални музеи и галерии – Софија, Русе, Ќустендил, Благоевград, Велико Трново, Казанлак.

Во 2022 година, изложбата беше успешно претставена во Народниот музеј на Црна Гора во Цетиње, во Музејот на литература и театарска уметност во Сараево и во Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.