Вечерва во 20 часот, во театарот во Битола ќе се одигра премиерата на најновата театарска претстава Пратеникот, направена по пиесата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Софија Ристевска Петрушева, а во продукција на Интимен Театар од Битола.
Во претставата играат: Катерина Аневска Дранговска, Валентин Дамчевски и Борис Богдановски. Композитор на оригиналната музика е Александар Талевски, а дизајнот на светлото го направи Горан Петровски. Костимограф е Валентин Дамчевски и „DRAMA – 3/4 by Jasmina“. Фотографиите и дизајнот се на Гоце Веселиновски.
Премиерата на оваа претстава ќе се одигра на голема сцена во Народниот театар Битола.
„Пратеникот“ е претстава за љубовта во време на либерален капитализам. Претстава за борбата на емоционалната човечка природа, со притисоците на општествениот систем што дехуманизира. Претстава за злото во нас, што секогаш не претвора во чудовишта. Претстава за исконската потреба на човекот да доминира, да победува и да покорува. Претстава за тагата и за бесмислата, и во исто време претстава за надежта. „Пратеникот“ е емоционално и рационално патување низ нашата желба да бидеме среќни – велат од битолскиот театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.