Во Офицерскиот дом во Битола во организација на МНД-Битола во соработка со КИЦ-Битола и Ротари клуб -Битола Дистрикт 1912 се одржа промоција на книгата „Презимето кај Македонците“ чиј автор е проф. д-р Елка Јачева Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.
Кога зборуваме за една личност како единка, она што ја отсликува и и дава личен печат секако тоа е презимето кое личноста го носи. Презимето е векторот кој ги поврзува припадниците на едно семејство, фамилија, генерациски наназад низ вековите, кажува за историјатот, достигнувањата и случувањата во една фамилија. Оваа вечер МНД Битола има чест да организира промоција на една интересна несекојдневна книга која верувам дека многу од вас присутните ќе ја прочитаат во еден здив. Тоа е книгата “Презимето кај Македонците“ чиј автор е проф. д-р Елка Јачева-Улчар, лингвист и ономастичар, рече проф. д-р Невена Груевска, претседател на МНД Битола.
Промотори на книгата беа д-р Весна Калпаковска и кои зборуваа за тоа како се создаваат презимињата на Македонците, која е мотивациската основа за формирање на презимето, како и за кусиот историски развој на антропономастичката категорија презиме кај Македонците, и за зародокот на презимињата на наша почва.
Македонското презиме го има својот зародок во Битолскиот триод, кој е еден мошне стар македонски средновековен ракопис од втората половина на 12 век, пишуван со кирилица и со чести глаголски вметнувања. Развојот на македонското фамилијарно име во презиме искажано од нашиот Голем учител, Блаже Конески, онака патем во неговите разговори со Цане Андреевски. Појавата на постојаната категорија презиме се должи или подобро е рeзултат од поразвиените социјални и економски услови на општеството, а пред сè на урбаните центри во кои идентификацијата на лицата не можела да се потпира само врз личното име или прекарот. Во македонски услови, појавата на презимето не се случила истовремено во сите краишта и кај сите слоеви на населението. Кај Мијаците, на пример, презимето е настанато и порано од XIX век, рече Јачева-Улчар.
Во книгата се приказните за презимето на младиот и многу талентиран поет Андреј Ал Асади, на Даринка Крстанова, поранешен почесен конзул на Руската Федерација за презимето на нејзиниот дедо Иван Ангелин, на академската сликарка Марија Светиева за еврејското презиме Ергас, на актерката Јелена Жугиќ за нејзиното презиме со црногорско потекло, на д-р Катерина Станкова-Нинова за нејзиното ерменско презиме по мајка Јармјан, на Трајче Чатмов за украинското презиме Јермилов, што е всушност моминско презиме на неговата мајка… Интересни се и приказните на проф. Татјана Христовска-Качоровска за полското презиме Качоровски, на истакнатиот македонски поет и собирач на македонски старини Алдо Климан за презимето запишано 1288 год. во Винодолскиот законик…, на д-р Ана Мартиновска од Институтот за македонска литература за презимето Мартиновски, односно влашки Мартини кој го наследила од дедо си, големиот сликар Никола Мартиноски, на Хрисула Пенопулу Сувариева, ќерка на бегалци од Егејска Македонија, преселени овде од Узбекистан, на Емилија Роп носител на словенечко презиме…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.