Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Александар Николовски денеска потпиша Меморандум за соработка, кој предвидува 50 отсто намалување на цената на влезниците за сите студенти кои ќе приложат индекс со заверен семестар за влез во националните установи.

Овој Меморандум ги опфаќа сите национални установи во државата, а целта е студентите да имаат еднаква можност на културната сцена, да се зголеми нивното присуство во културните установи, да имаат можност да ги посетат сите културни настани кои ги организираат сите национални установи во државата, и ќе се помогне за олеснување на нивниот стандард.

Министерката Костадиновска-Стојчевска по потпишувањето на Меморандумот изјави дека со ова вложуваат во идните генерации и претставуваат пример како понатаму треба да се регулираат нивните права и обврски.

Она што до сега беше регулирано само на ниво на установи, сега го регулираме на ниво на цело Министерство, со тоа што на локалните установи само ќе им укажеме дека оваа мерка ја потпишавме, потоа тие ќе одлучат како понатаму ќе постапат. Студентите односно младите беа и се во фокус од самиот почеток на мојот мандат, тоа го предвидовме и во Законот за култура, кој што е во работна верзија, каде што предвидовме нула работно искуство, односно категории со нула работно искуство, при што им овозможуваме на студентите да можат веднаш да се вработат во некоја од националните установи, рече министерката.

Потпишан Меморандум за соработка кој предвидува 50 отсто намалување на влезниците за студенти во националните установи

По потпишувањето на Меморандумот, Николовски изјави дека ова е дел од програмата на Универзитетското студентско собрание за подобрување на студентскиот стандард и студентските можности во нашата држава.

Со потпишување на овој Меморандум се оебзедува унапредување на заложбите за задржување на студентите во државата, обезбедуваме подигнување на студентскиот стандард, обезбедуваме креирање на поголемо критичко размислување кај младите како и унапредување на културната историската и уметничката свест кај младите во Македонија. Универзитетското студентско собрание во овој мандат ќе продолжи да се залага за подобрување на студентскиот стандард и студентските можности за сите студенти во државата, додаде Николовски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.