Фестивалот на европската литература „Букстар“ 2024 денес го објави визуелниот идентитет на јубилејното, десетто издание на Фестивалот, кој годинава ќе се одржи од 30 септември до 3 октомври на повеќе локации во Скопје. Фестивалскиот слоган, кој секоја година креативно предизвикува на ангажман и размислување, е „Преобразба“ (The Metamorphosis), и е инспириран од делата на Франц Кафка.
Годинава фестивалскиот плакат е дело на дизајнерката Маја Плачкоска и тој, исто така, се надоврзува на темата на фестивалот, но погледнато во една уметнички прогресивна варијанта, каде што персоналната трансформација што ја преживуваме станува средство преку кое се стигнува до најважната хумана придобивка – слободата. Различноста не секогаш е хендикеп, туку таа може да биде начин како да се освои свој простор и свое место под сонцето, за што Фестивалот отсекогаш имал водечка улога.
Во годината кога се навршуваат сто години од смртта на еден од најголемите автори на XX век и автор чие творештво претставува вечна инспирација за реосмислување на литературата и на човековото битие, решивме да ја вклучиме Македонија кон светскиот тренд на одбележување на оваа значајна годишнина. Особено, бидејќи и за нас 2024 е многу важна година – „BookStar“ полни десет, а „Антолог“, како организатор на Фестивалот и издавач на делата на Франц Кафка, дваесет и пет години од основањето под слоганот „25 години Антолог е класика“. Затоа, и на „BookStar“ ќе се одбележат дела кои се доволно моќни да го претворат неможното во можно, дела кои ќе го дофатат незамисливото и се напишани од автори кои лично ја доживеале метаморфозата – велат претставници на организаторот кој најави и многу тековни активности и новитети.
Од денес на локацијата www.bookstar.mk е активен новиот веб-сајт на Фестивалот, каде што следбениците на литературата ќе можат на македонски и на англиски јазик да ги најдат сите податоци за минатите изданија на Фестивалот „BookStar“, но и вестите за тековните и идни случувања. Освен тоа, на оваа веб-локација е достапна и богата мултимедија на фотографии и видеоматеријали кои го чуваат сеќавањето за сите подеми и падови во изминатите девет изданија. Досега на BookStar зедоа учество најголемите писателски имиња на денешнината, меѓу кои и: Славенка Дракулиќ, Наџат ел Хачми, Стефан Хертманс, Игор Штикс, Сјон, Миљенко Јерговиќ, Илја Леонард Фајфер, Јела Кречич Жижек, Михал Вивег, Слободан Шнајдер, Николо Аманити, Светлана Алексиевич, Саша Станишиќ, Евгениј Водолазкин, Ирса Сигурдардотир, Јуси Адлер-Олсен, Хокан Несер и многу други автори од речиси сите европски држави, како и неколку десетици македонски писатели. И покрај сите предизвици во минатото, преку ентузијазмот на организаторот и наклонетоста на уметниците од Македонија и од Европа, „BookStar“ продолжи да ја шири својата книжевна и општествена релевантност и да стане препознатлив како на регионално така и на европско рамниште.
Од денес на веб-локацијата на „BookStar“ е отворен и јавниот повик за Второто издание на фелоушип-програмата „Објавувајќи ја Европа“ (“Publishing Europe”), чија главна цел е да се поканат професионалците од книжевниот сектор да ја посетат нашата држава и да ги запознаат одблизу македонските и европските колеги и автори. Во склоп на фестивалот е предвидено да се случат средби на меѓународни претставници на издавачки куќи, агенти, директори на фестивали, писатели и преведувачи, со цел да се зајакне секторот и да се отворат можности за размена на книжевни дела меѓу различни делови на Европа. Повикот е отворен до 10 јули. Фелоушип-програмата и конвенцијата на издавачи во склоп на фестивалот „BookStar“ се реализира со поддршка на програмата Креативна Европа (2021 – 2027) – потпрограма Култура на Европската Унија во категоријата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“.
Годинава на „BookStar“ ќе биде повторно доделена и наградата за најдобар превод „Драги“, во две категории, основана во чест на зачувување на ликот и делото на проф. д-р Драги Михајловски и со цел да се направи вреднување на преведувачката продукција, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор. За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2023 година и 30 јуни 2024 година, а рокот за достава на делата е до 1 јули 2024. Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели и книжевни критичари. Наградата за најдобар превод на македонски јазик се состои од плакета и статуетка „Драги“, како и од паричен дел кој изнесува 30 000 денари. Меѓународната награда „Драги“ се доделува на најзначаен превод на дело на македонски автор на странски јазик и се состои од плакета и статуетка „Драги“, како и можност за странскиот преведувач да биде дел од второто издание на фелоушип-програмата „Објавувајќи ја Европа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.