Во Ликовниот Салон на ЛУ Народен музеј Велес, денес во 19:30 часот, ќе биде претставена изложбата „Визии-глава полна со луѓе“ од Родољуб Анастасов. Автор и куратор на изложбата е Јасминка Намичева.
Нова и досега неизложена серија на цртежи, работени во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати каде извонредниот Анастасов, од својот мемориски трезор изнедри повеќе од 200 портрети, создадени во периодот 2016-2022година.
За овој изложбен проект подготвен е монографски каталог во кој се презентирани сите 61 цртежи, проследени со критички текст на историчарот на уметност Д-р Љубен Пауновски.
Во 2016 година настапило релативно смирување, доволно за Анастасов да ја започне оваа нова серија на цртежи, а повремено да вклучува и цртежи според тематскиот циклус „Човек и простор“. Така Анастасов ја перцепира сопствената меморија, односно жителите во својот ментален свет, кои ги претвора во портретни мотиви во своите цртежи.
На тематски план оваа серија на цртежи е автобиографска затоа што портретираните луѓе, на еден или на друг начин, биле дел од неговиот живот или барем ги сретнал на неговата животна патека и останале запишани во неговата меморија. На филозофски план, низ мемориските репродукции како повторувања, реконструкции и меѓусебни врски на запомнетото, оваа серија на цртежи е соочување со фактот дека и смислата и бессмислата подеднакво се својство на животот. На психолошки план таа е креативно ослободување од нараснатиот притисок акумулиран од регресивното ментално патување по личната животна патека.
Кон оригиналните цртежи од Родољуб Анастасов на изложбата ќе бидат претставени и кратки секвенци од докуметарен филмски материјал снимен од Јасминка Намичева во Љубљанското студио на Анастасов во 2016 година, кој е всушност зародиш на идејата за овој изложбен проект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.