Членството на Друштвото на писателите на Македонија, на 25 ноември, на вонредно изборно собрание ќе избира претседател на писателската асоцијација и претседател на Собранието. Блаже Миневски и Мирче Нешовски се кандидатите што се во трка за претседател на ДПМ откако Живко Грозданоски и Гоце Ристовски ги повлекоа своите кандидатури. Кандидатури за претседател на Собранието на ДПМ, пак, поднесоа Иван Антоновски и Стефан Марковски.
Во својата кандидатура, писателот Блаже Миневски (1961, Гевгелија), кој е вработен во НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје и е член на ДПМ повеќе од три децении, пишува дека мисијата на писателската асоцијација треба да биде здружување на македонските писатели заради промовирање на книжевните достигнувања, заштита на авторските и на социјалните права на писателите, како и поддршка, стимулирање и промоција на нашата книжевност во светот.
„Затоа, меѓу другото, еден од приоритетите треба да ни биде и во нашата држава, во законската регулатива да постои професијата писател, што подразбира повеќе можности и поголема социјална сигурност за оние што своето Јас го остваруваат преку книжевноста – како што е регулирано во други држави. Но, сето ова не може да се реализира без финансиски средства, без организациски и без менаџерски ресурси. Затоа, на почетокот, веднаш сакам да кажам дека мојот евентуален избор за претседавач на новата управа е избор за промени со кои ќе се стори сè да се овозможат/обезбедат/создадат услови за редовно финансирање и други неопходни ресурси“, посочува во кандидатурата Миневски, истакнувајќи дека неговиот мандат ќе биде ограничен на една година.
Тој додава дека следното вонредно изборно собрание ќе се одржи на крајот на тој едногодишен период, по донесувањето нов Статут на ДПМ, со кој ќе се настојува да се случат комплетни структурни и организациски промени и воспоставување вистински систем од вредности.
„Па ДПМ, конечно, да зачекори во 21 век, следејќи ги добрите искуства на сродни асоцијации од Европската Унија, кои се препознатливи по современиот, висок и добро изграден систем од вредности. Мотото на мојот евентуален мандат ќе биде ‘Година на трансформација на ДПМ’“, завршува Миневски.
За писателот и поет Мирче Нешовски (1951 година, Скопје), кој до пензионирањето работел, исто така, во НУБ „Свети Климент Охридски” – Скопје, а од 1994 година е член на ДПМ и во еден мандат бил и член на Претседателството на ДПМ, македонските писатели денес, како никогаш досега, се поттурнати на најниското скалило, а се крши и нивниот македонски дух и им се одзема силата на креативниот потенцијал.
„Kај нас, авторите станале издавачи и успешни бизнисмени, а и прилепени се автори приврзани до нив, кои се фаворизирани и актуализирани во јавноста. И понатаму такви ли ќе ни ја водат писателската асоцијација!? Оние што, преку материјалистичка профаност, се заборавија, го заборавија творецот – автор. Тие се заборавија во вреднувањето на делото на творецот! Заборавија и на реалното и достојното вреднување и хонорирање на делото. Во сегментот на хонорирањето, авторите се крајно обесправени. Останати се назад пред сите земји во окружувањето, да не речеме за земјите од ЕУ“, наведува во својата кандидатура Нешовски.
Тој смета дека уривањето на Друштвото значи уривање на македонската национална посебност и во таа насока е неопходно посилно единство на македонските писатели.
Од активностите што ги предлага Нешовски, доколку биде избран за претседател на ДПМ, се и: отворена вклученост на сите членови во работата на ДПМ; промовирање на македонските автори и зачувување на духовните вредности; развивање на македонските културни врски и односи во регионот и пошироко; мобилизирање на потребите на македонските писатели во македонската и во меѓународната јавност; отвореност на списанието „Стожер“ за сите членови на Друштвото; подготовка на развојни проекти и градење сопствена структура, неопходност да се алармира и бара подостоинствен објект на ДПМ; барање субвенции за писателите; барање за месечен надоместок на секој писател, барање на заштита на авторското дело; свикување донаторска конференција на која ќе биде воочена лошата состојба во која денес се наоѓаат македонскиот творец и делата на македонските автори, како и усвојување декларација за македонскиот јазик, која ќе биде испратена до релевантни меѓународни организации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.