Во понеделник, 4 декември 2023 година, во ЈОУДК “Бранд Петрушев” Богданци, со почеток во 19:00 часот, ќе биде изведена претставата „Синиот портокал“ – гостување на Театарот „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“  од Велес.

По премиерата на претставата „ Синиот портокал“, на малата сцена на НТ- Велес, на 12 април 2017, наградениот со „ Лоренс Оливие“, драмски текст на современиот британски драматичар и сценарист, Џо Пенхол , на 14 јули годинава беше прикажан во МНТ, во рамките на „ Скопско лето“.

Режијата на оваа камерна постановка, со која Пенхол за прв пат е претставен пред домашната публика, ја потпишува Александар Ивановски. Тој работеше и на драматизацијата заедно со драматургот Катерина Момева, а го направи и изборот на костимите, заедно со тројцата актери, учесници во претставата. Неговата режија е базирана на актерската игра на реалистичен театар и ја отсликува нашата стварност, низ една манифестација на вечната тема за судирот меѓу единката и системот. И не станува збор за било каква единка, туку за човек со сериозно ментално растројство. Фабулата портретира шизофреничар во психијатриска болница, што го толкува Фаик Мефаилоски, кој поминува низ хаос, поради ривалството околу третманот на неговото здравје и иднина , од двајца психијатри. Едниот веќе високо етаблиран и позициониран во системот, го игра Самоил Стојановски, а другиот е млад консултант кај него, а му е доверен на Жарко Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.