Ансамблот „Керамичар“ од Велес основан во ноември во 1954 година, годинава одбележува јубилеј 70 години успешно постоење и работа, со два целовечерни концерти. Едниот концерт се одржа синоќа, а другиот ќе се одржи вечерва на големата сцена на Тетарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Во богатата програма на прославата освен сите трите групи на ансаблот, како и помладите и постарите ветерани, настапуваат и голем број гости. Беа врачени и благодарници и статуетки со играорци за поединци кои придонеле за неговиот развој.

Гости на прославата кои имаат свој настап на сцена се фолклорните ансамбли од Србија и Бугарија, а се присутни и претставници на фолклорите здруженија од Хрватска, Турција и Босна и Херцеговина кои добија благодарници од организаторот за соработката

 

Во Ансамблот „Керамичар“ во сите изминати 70 години поминале помеѓу пет илјади и седум илјади играорци, пеачи и членови на оркестарот, информира за МИА,Томе Јаневски претседател на Ансамблот„Керамичар“.

– Во сите 70 години нашиот ансамбл „Керамичар“ успешно го трасира својот пат на негување на македонски игри и песни, со тоа ја зачувава македонската традиција и македонскиот идентитет. Ансамблот успешно го презентира Велес и Македонија на многи домашни и меѓународни фестивали и е вистински Амбасадор на земјава насекаде каде што настапува со нашите македонски ора песни и македонската музика,по која сите не препознаваат во светот, потенцира Јаневски.

Ансамблот „Керамичар“ има освоено бронзен ѓердан на меѓународниот фестивал во Дижон, Франција во 1981 година и сребрен медал на истиот фестивал во 1993 година, како и сребрен медал на Фестивалот во Ата Пазар во Турција.

Инаку синоќа во преполната сала на театарот свој настап имаа третата, втората и првата фолклорна група на Ансамблот „Керамичар“, како и помладите ветерани. Свој настап со старограска велешка музика во изведба на чалгија, со игри и староградски велешки обичаи од свадба на сцената и ја дигнаа на нозе бројната велешка публика, имаа учениците од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје.

 

Успешни два настапи на вечертта имаа и гостите од КУД „Космај“ од Сопот кај Белград од Србија кои исто така ја воодушевија велешката публика. Во рамки на програмата настапуваше и Александар Пановски, солист на хармоника и вокалната солистка Анета Арсовска, како и познатата велешка група на македонски песни „Соната“ со Катерина Брезева.

Вечерашниот концерт е во 19 часот исто така во театарор „Џинот“, а освен играорците и постарите и помладите ветерани на Ансамблот „Керамичар“, свој настап ќе има и Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ од Скопје, Неврокопскиот ансамбл за народни песни и игри „Гоце Делчев од Р.Бугарија, Оркестарот за традиционални инструменти при ОМУ „Стефан Гајдов“ од Велес и вокалниот солист Игор Андреевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.