Велешани по 17,5 години пауза идната недела повторно ќе имаат Градско кино. Новото кино со најсовремена дигитална опрема, сопственост на локалната власт, а сместено во салата „Бели Мугри“ во Локалната библиотека беше отворено премиено на 11 октомври 2020 година. По две години и три месеци пауза ќе почнае со работа. Светиниколскиот Киноверзум 3 Д, го доби на управување за наредните три годинина на јавен повик.

Според информацијата за МИА од Михаела Ѓорчева, основач и сопственик на Киноверзум 3 од Свети Николе,  тие деновиве  интензивно работат  за да го отворат Градското кино во Велес до крајот на наредната недела.

Велешани може да очекуваат нова премиера речиси секој четврток. Најновите филмски хитови ќе бидат премиерно прикажани во Велес во истиот ден кога ќе бидат прикажувани во најголемите светски метрополи. Навистина би сакале да започнеме со најновото продолжение на Аватар:Патот на водатапоради спектакуларните визуелни ефекти, најави Ѓорчева.

Таа информира  дека Оскарите веќе пристигнаа во Велес – исти Оскари како што имаат и во Киноверзум во Свети Николе и Штип, изработени од академскиот вајар Далибор Николовски – Дачо. Потенцира дека Оскарите ги следат секаде – во Св. Николе, Штип, а сега и Велес.

Точниот датум на отварање ќе го објавиме откако ќе завршат сите технички проверки на опремата, софтверот и филмовите со кои ќе започнеме. Во моментов ги привршуваме административните работи, појасни Ѓорчева.

Воедно информира дека Киноверзум уште од почетокот на своето работење ги носи најновите европски и холивудски наслови на големото платно, затоа и се најде на листата на престижното американско списание Forbes.

Во своето  тригодишно работење во Свети Николе имаат прикажано над 200 филмски наслови – европски и холивудски. Освен за возрасни, таа најави дека ќе има и филмови за најмладата публика – децата.

Киноверзум досега има прикажано над 40 филмови за деца. Годинава имаме најава за повеќе детски филмови кои се синхронизирани на македонски, па очекуваме и голем интерес од нашата најмлада публика. Киноверзум во Велес ќе нуди и повеќе програми за прослава на детски родендени, најави Ѓорчева.

Во Велес Градското кино „11 Октомври“ во строгиот центар на Велес беше затворено во август 2005 година.

Новото Градско со најсовремена дигитална опрема според највисоки светски стандарди со инвестиција на Општина Велес од 76,430 евра сместено во салата „Бели Мугри“ на локалната библиотека беше отворено на 11 октомври 2020 година. Тогаш истата вечер премиерно беше прикажан домашнит филм „Стела“ со две проекции, по што киното стои затворено 2 години и 3 месеци.

По бројните барања и реакции на велешките љубители на кино истото да биде ставено во функција, локалната власт одлучи  киното да го издаде на управување преку јавен повик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.