Насловот „Вечно женско“ го позајмив од филозофијата на Владимир Соловјев. Малевич до својот креативен принцип духовна возбуда стигна наследувајќи го мистичниот амбиент на вечното женско – симболот на убавината и мудроста Софија – што зрачел од филозофијата на Соловјeв. Сликарите, поетите и филозофите симболисти, во своите азурно-сини контемплации, проникнаа до повисоките нивоа на интуицијата, а возбудата се ослободи како резултат на кршење на табуата на патријархатот (кубофутористите потоа раскинаа со традицијата на симболистите, но тоа е друга тема)!
Патријархалната култура и религија ја потиснуваат женската енергија којашто е незаменлива во реализирањето на полнотата на чувството и креативната емоција. А пак рационалниот ум (често роб на ниските страсти) е на суверено место во патријархалното општество. Тој е во сојуз со волјата за доминација и наметнувањето на моќ од позиција на физичка сила. Тие се востановени како „природни“ и „нормални“ нагони во општеството. Бидејќи социјалниот дарвинизам е „неминовен“ и „нужен“, следува натпреварувачкиот дух како смисла на животот, па насилноста води кон (авто)деструкција, војна, смрт. Нели сè уште ги препознаваме овие сили како доминираат во нашиот свет!?
Од друга страна, во тој систем, сочувството, емпатијата, емотивноста, сензибилноста, симпатијата, довербата најчесто се сфаќаат како слабости, пожртвуваноста и љубовта, великодушноста, солидарноста и добротворноста – неисплатливи, мирното решавање на проблемите и конструктивноста – привремени. За повторно да се откријат и да се ревалоризираат овие занемарени доблести, неопходно е да се истражува вечното женско! Нежен однос кон природата, воодушевување од нејзините убавини, грижа за другите, за светот, за планетата, за следните генерации, се обновувааат и актуелизираат преку радикалните екологии: екофеминизмот, длабоката екологија и социјалната екологија.
Промените во културата изнурнуваат од длабоката внатрешна нужност (патем, тоа е креативниот принцип на Кандински) и се резултат на еволутивен развој. Според мене, излезот од кризата ќе го најдеме прво однатре, во преобразбата. Како човештво се доведовме до ситуација кога немаме друг избор. Оттаму, големиот импулс за промени избива како женска енергија. Во јогата енергијата е шакти. Шакти е женска енергија. Таа се манифестира како на субатомско ниво така и како космичка енергија. Оваа енергија во микрокосмосот, во нас луѓето, низ духовната пракса (медитацијата, јогата) станува сè посуптилна. Постепено се развиваат пофини аспекти од таа внатрешност, симболизирани низ разни бои, елементи/густини и нивоа на постоењето, и се балансираат енергиите во хармонија на повисоко рамниште. Во еден момент се достигнува полнота, полнота на Себството, на Душата, на Внатрешното Сонце – извор на огромна позитивна енергија.
Серијата на слики во оваа поставка: Океан Море, Сонце и Расцут, Крилја, Пламен, се разни изблици на таа енергија, или како силна прочистена емоција, или како чувство на слобода и леснотија (добиваме Крилја), или како неизмерен простор и длабочина, или како пламено енергично извишување, или како мир, но динамички, или како топла радост и расцут.
Мојот стремеж е вечното женско, коешто се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција, да заблеска, за да овозможи пробив во неизмерните пространства на Интуицијата. Интуицијата е нашата повисока и подлабока свест…
* Сите серии на слики од оваа поставка се изработени во периодот од 2014 до 2015 година.
Татјана Миљовска е родена на 3 ноември 1966 година во Битола. Во 1992 г. дипломирала, а во 2011 година магистрирала (со темата Возвишена убавина) на Факултетот за ликовни уметности, при универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на отсекот сликарство. Во ноември 2020 година ја одбрани докторската дисертација со наслов Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство на Културолошките студии при Институтот за македонска литература (ИМЛ при УКИМ). Побитни самостојни изложби и се: “Кула на Мостот“ во Национална галерија “Даут – пашин амам“, Скопје (1996 г.); “Внатрешно Сонце“, Музеј на современа уметност, Скопје, (2003) ; “Езеро Мое“ во “Магаза“ Битола; „Сарај“ – Ресен и “Куќата на Робевци“ – Охрид, (2009); „Возвишена Убавина“, Музеј на град Скопје, (2011) “ и „Духовното во апстрактното сликарство“, изложба и промоција на нејзината книга во Галеријата Метаноја, Скопје (2023). Од 1986 до 1992 година била член на уметничката група „Зеро“. Учествувала на десетина перформанси, изложби и сликање мурали со групата „Зеро“ и на многу други групни изложби. Ретроспективна изложба со „Зеро“ имала во Националната галерија на Македонија („Мала Станица“) (2009). Работала дизјан и во 2004, 2005 и 2006 година своите колекции на производи за домот ги изложувала на саемите: “Ambiente“, “Tendence“ и “Heimtextil“ во Франкфурт на Мајна и “Sources“ во Њујорк. Во периодот од 2012 година до денес има објавено повеќе од 150 текстови со теми од областа на уметноста, екологијата, естетиката, духовноста, критиката на актуелните политички случувања во Македонија и други општи теми од областа на културата. Учествувала на меѓународни научни конференции, а последните објавени научно-истражувачки трудови и се: „Енвиронментална естетика: скица за естетско вреднување на Преспа“ во Контекст бр. 26, (ИМЛ, 2022) и „Ecoculture, Ethics of Care, and United Actions to Save the Planet and Society“, [GCAS (Global Center of Advanced Studies), https://gcas.ie, 2022].
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.