Во КСП Центар Јадро во Скопје, вечерва (вторник) во 20 часот ќе биде отворена изложба на слики од Тања Миљовска. Под наслов „Вечно женско“, позајмен од филозофијата на Владимир Соловјев, ќе бидат изложени дела – акрил на хартија во поголем формат и цели серии – работени во 2014 до 2015 година.
Татјана Миљовска (родена 1966 година во Битола) дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Има објавено повеќе од 150 текстови за уметноста, екологијата, естетиката, духовноста, критиката на актуелните политички случувања во Македонија и други општи теми од културата.
„Според мене, излезот од кризата ќе го најдеме прво однатре, во преобразбата. Како човештво се доведовме до ситуација кога немаме друг избор. Оттаму, големиот импулс за промени избива како женска енергија. Во јогата енергијата е шакти. Шакти е женска енергија. Серијата слики во оваа поставка: Океан Море, Сонце и Расцут, Крилја, Пламен, се разни изблици на таа енергија, или како силна прочистена емоција, или како чувство на слобода и леснотија (добиваме крилја), или како неизмерен простор и длабочина, или како пламено енергично извишување, или како мир, но динамички, или како топла радост и расцут. Мојот стремеж е вечното женско, кое се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција, да заблеска, за да овозможи пробив во неизмерните пространства на Интуицијата. Интуицијата е нашата повисока и подлабока свест…“, пишува Миљовска во текстот за каталогот на изложбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.