Повеќе од 150 илустрации на илустраторите од Турција – Гизем Ѓозде Учар и Серхат Албамја, како и на македонската илустраторка Наташа Андонова од вечерва во 19 часот ќе бидат изложени во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Со оваа изложба што е мало патување низ турската современа илустрација за деца ќе биде отворено 6. Меѓународен фестивал за литература и илустрација „Литера 2024“ под мотото „Летаме заедно“.
На пладне во холот на МКЦ ќе биде отворен и Саем на литература за деца на кој македонските издавачи ќе имаат можност да ги претстават своите најнови изданија. Освен тоа, ќе се организираат средби со автори и промотивни настани. Годинава Турција е земја во фокусот.
По завршувањето на фестивалот, изложбата на илустрации ќе се премести во „Рамстор мол“ во центарот на Скопје.
Гостите на шестата „Литера“ се врвни уметници во Турција. Гизем Ѓозде Учар, авторка и илустраторка, има впечатлива кариера и влијателно присуство во светот на литературата за деца во Турција. Таа е од најзначајните современи гласови во литературата за деца. Ќе одржи мастерклас на 16 мај во 10 часот наменет за илустратори и студенти.
Мурат Калкаван, илустратор и уметник, роден е во Истанбул во 1983 година. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Мармара, тој се занимава со илустрација за проекти за рекламни агенции, брендови и издавачи на детски книги. Работел како уметнички директор за многу независни проекти за игри и произведувал визуелни слики кои го изразуваат неговиот стил. Продолжува да работи од неговото студио во Скопје. Неговото творештво ќе биде промовирано на 17 мај во 12 часот.
За жал, од здравствени причини Серхат Албамја го откажа доаѓањето во Скопје, но неговите уметност ќе биде претставена пред македонската публика.
Гостинка на фестивалот ќе биде и турската писателка за деца Зејнеп Севде, со која публиката ќе може да се сретне на 16 мај во 12 часот.
Илустраторката Наташа Андонова ќе одржи ликовна работилница за деца „Летаме заедно“ на 18 мај во 10 часот.
Исто така, „Литера“ и годинава ќе го задржи својот концепт организирајќи трибина на тема „Големи приказни од мали земји“, на која ќе се зборува како македонските автентични приказни да ги направиме препознатливи приказни пред светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.