На 10 јули 2024 година (среда) со почеток во 19:00 часот, во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров ќе се одржи седмото издание и официјално доделување на наградите „Антево слово“ кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски – „Антево слово“.
Во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
Жири комисијата во состав: Митко Гогов (претседател), Виолета Танчева-Златева, Драгана Евтимова, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник), по објавениот повик за испраќање на песна по слободен избор за учество на седмиот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“, со свои дела се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија и Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар.
Годинава првата награда ја доби Македонка Божиновска, втората награда им припадна на Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, третата награда ја делат Рекио Фебија од Италија и Антева Темјана, односно Силвана Димитриевска, наградата за млад автор на годишниот поетски конкурс е Васја Мицковски.
На свеченото доделување на наградите ќе присуствува Геро Ла Векија, а оваа година ќе се доделат наградите и за добитниците од изминативе пет години. Лауреати кои се носители на наградата „Антево слово“ се: Томислав Османли, Катица Ќулавкова, Драгана Евтимова, Иван Антоновски, Ива Дамјановски и Виолета Танчева-Златева.
Своите наградени стихотворби ќе ги презентираат и останатите наградени. Освен наградите за авторите ќе бидат доделени Благодарници и на релевантни луѓе кои го помогнале „Антево слово“ низ годините.
Настанот ќе го води Александра Велинова, а преводот на италијански јазик ќе го проследи Кристина Стаменова.
Во апстрактниот простор – време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но, исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде ’медиум’ во ’континуитет’ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на ’експресивната слобода’ која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек“, изјави Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со фамилијата на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја востанови оваа награда.
Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија (Angelo La Vecchia), познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и наградата „Антево слово“ која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.