Македонската филхармонија вечер ќе го одржи својот роденденски концерт „Вдахновение“. Концертот ќе биде под диригентство на Конрад ван Алфен (Холандија), а како солисти ќе настапат врвните инструменталисти Даниел Роланд – виолина (Англија/Холандија) и Маја Богдановиќ – виолончело (Србија). На програмата се Концерт за виолина и виолончело во а-мол, оп. 102 од Јоханес Брамс и Симфонијата бр. 2 во е-мол, оп. 2 од Сергеј Рахмањинов.

Оркестарот на Македонската филхармонија е формиран на 24 ноември 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје. На улицата „Крушовска“ бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, биле поставени темелниците на најстарата институција од културата во државата, прва од таков вид во ослободена Македонија

Филхармонија е единствена институција во земјава која го афирмира и го изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти постојано ја развива и ја промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на публика од различни генерации, се наведува во најавата за вечерашниот концерт.

Виолинистот Даниел Роланд е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниту еден друг виолинист, и дека креира специфичен звук на инструментот на кој свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинантен тон во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли, „Гардијан“)… Роланд изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработувал со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Саариаго и Ван дер Аа. Бил член и на квартетот „Бродски“, еден од водечките камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон. Роден е во Лондон, а со часови по виолина почнал кога неговите родители се преселиле во Холандија. Студирал со Јан Репко, Давина ван Вели, Херман Креберс, Виктор Либерман и Игор Ојстрах. Добитник е на првата награда на натпреварот „Оскар Бак“ во Концертгебау во Амстердам и на Брамсовата награда во Баден Баден. Неговата виолина е изработена од Лоренцо Сториони (Кремона, 1796).

Маја Богдановиќ е една од најдобрите виолончелисти на денешнината. Како солистка настапила со швајцарскиот Тонхале оркестар, со Берлинскиот симфониски оркестар во салата на Берлинската филхармонија, со Токиската филхармонија, Државниот оркестар од Бремерхавен, со Словенечката, Белградската и Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на Минхен, оркестарот „Св. Бартоломео“ од Лондон и многу други. Има неколку музички изданија зад себе, а најновото е со виолинистот Даниел Роланд, кое вклучува светска изведба на дела од Пендерецки, Васкс, Солима и Нисимен. Критичарите го опишаа како „волшебна средба меѓу челото и виолината“. Иако има широк репертоар, Богдановиќ на својата програма посебно место издвојува за современата музика. Премиерно извела дела од Софија Губадулина, Кшиштоф Пендерецки, Филип Сојерс, Бенџамин Јусупов и др. Свири на инструмент изработен за неа од францускиот мајстор Франк Раватин.

Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година, Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.