Во среда, на 6 ноември 2024 година, со почеток од 20:00 часот, во бифето на Младински културен центар – Скопје, ќе биде промовирана стихозбирката „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ.
Промотор: Јулијана Величковска
За стихозбирката „Змијарник“ авторката Тања Ступар Трифуновиќ ја освои престижната награда „Васко Попа“, за најдобра поетска книга во 2022 година. Препевот на македонски е на Јовица Ивановски, и беше поддржан од ТРАДУКИ.
‒ Песните на Тања Ступар Трифуновиќ се развиваат низ мотивско поврзување на добро познати топоси, но на начин на кој вешто се избегнуваат доминантните наративи во кои тие, како по правило, се појавуваат во нашата поезија. На овој начин поетесата од една страна ги разоткрива овие наративи како стратегија на моќ и доминација, потиснување и обесмислување на нашето лично, но и колективно постоење, а, од друга страна, нуди лирски и трезвени, често груби увиди во меѓучовечките односи, местото на човекот во историјата, и она што по логика на нештата нè очекува во немилосрдниот свет во кој живееме. Таа поаѓа од најинтимниот простор на љубовта, како кревко заедништво врз основа на кое е сè уште можна исполнетоста на личното постоење, но коe е непрестајно загрозенo како од внатрешниот така и од надворешниот свет. Потоа се сосредоточува на мотивот на родината, по која е насловена книгата „Змијарник“, во кој ни дава слика на оскудна и осиромашена земја, „пуста земја“ во метафорична и во вистинската смисла на зборот, во која животот бил и останал непрестајна борба со материјалните околности, дали за создавање дом, за таткото и мајката, за одгледување на потомството, борба против гладот и немаштијата, и, конечно, за гол живот, во маката и меѓучовечките конфронтации. Иако стиховите во оваа збирка започнуваат со вешт и парадоксален спој меѓу лириката и грубоста, личниот наивен оптимизам на минатите епохи, тие и покрај сè сведочат за трајната и суштинска несигурност на секоја сила, на секој поредок што се темели на доминација. И покрај тоа што, впрочем, ни говори за светот што е поразен, во основата на нејзиниот говор се укажува можноста овој пораз да биде надминат. Збирката поезија на Тања Ступар Трифуновиќ ја носи оваа свест со неверојатна луцидност и затоа сметаме дека ја заслужува наградата што ѝ ја доделивме ‒ Стеван Брадиќ, писател и претседател на жирито, од соопштението по повод доделувањето на наградата „Васко Попа“.
‒ Иако „Змијарник“, во прв план, е фокусирана и најмногу од сè мотивирана со преиспитувањето на интимните сеќавања и топоси, она што, пред сè, треба да се подвлече е тоа што поезијата на Тања Ступар Трифуновиќ е секогаш современа. Со други зборови, авторката е секогаш и непрестајно загледана во современиот момент и во феномените што го сочинуваат. Сето она што нè притиска и вознемирува, што нѐ стега и депримира, како и сите факти на времето во кое живееме, ќе се најдат во поезијата на авторката.
Низ критичката и изострена поетска визура, со посебен сензибилитет и нерв за забележување, поетесата ни ја предочува сликата на модерното општество и на мигот во кој живееме и на сите оние клучни дискурси околу кои гравитираме ‒ Николина Тодоровиќ, писателка и книжевна критичарка.
‒ Од камерниот свет на емоции, за кои се зборува моќно и сугестивно, преку несмирената слика на родината која е од другата страна на какво било општо место, Тања Ступар Трифуновиќ стигна до критички изострената слика на општеството и светот во кој поствистината ја сменила вистината, во кој слободата веќе нема ни цена ни трајност, додека единката секогаш одново се соочува со барањето: „Понекогаш светот треба да се измисли од почеток“ ‒ Гојко Божовиќ, писател и главен уредник на „Архипелаг“.
Тања Ступар Трифуновиќ (Задар, 1977) дипломирала на Филолошкиот факултет во Бања Лука. Објавила шест книги поезија, книга раскази, два романа и графичкиот роман „Морето беше мирно“ во соработка со Татјана Видoјевиќ (илустрации). Преведена е на: англиски, шпански, бугарски, унгарски, германски, полски, словенечки, македонски, руски, чешки, дански, италијански и француски јазик. Добитничка е на повеќе награди за поезија и проза, меѓу кои: Наградата на Европската Унија за литература (EUPL) 2016 г. за романот „Часовниците во мајчината соба“, наградите „Ристо Ратковиќ“ за најдобра поетска книга во регионот и „Милица Стојадиновиќ Српкиња“ за најдобра поетска книга напишана од жена на српски јазик, за стихозбирката „Размножување на домашните животни“, Виталовата награда „Златен сончоглед“ за најдобра книга објавена на српски јазик во 2019 година за романот „Откако си купив лебед“. За стихозбирката „Змијарник“ ја освои наградата „Васко Попа“ за најдобра поетска книга објавена во 2022 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.