КРСТЕ РОЏЕВСКИ е македонски пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти. По издавањето на трилогијата: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), Роџевски ги снима „Hubris“ (2020) и „Fair Weather Friends” (2022). Станува збор за концептуални албуми со интроспективни текстови и електроакустичен звук, збогатен со експериментални и фри-џез елементи. Во нивното создавање, тој соработува со некои од најеминентните имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена (Бил Ласвел, Томика Рид, Крис Дејвис, Икуе Мори, Мери Халворсон, Ингрид Лауброк и др.), како и со неколку врвни претставници на модерната чикашка сцена (Џеф Паркер, Никол Мичел, Кен Вандермарк итн.). Дури четворица од нив се добитници на престижната американска награда МекАртур, позната и како „грант за генијалци“. Творештвото на Крсте Роџевски добива извонредно позитивни рецензии во реномираните The Wire, Downbeat, Avant Music, All About Jazz, Stereogum… Новото, шесто по ред, издание на Роџевски под наслов „Black Earth“, продуцирано од Бил Ласвел, ќе излезе во втората половина на оваа година. На соло акустичниот настап на OFFest, тој ќе ги претстави своите песни во една чиста, наивна и соголена форма, ослободена од студиските дотерувања.
|
Comments are closed for this post.