По повод празникот „Василица“, вечер и утре со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе се одржи традиционалниот Гала оперски концерт.
Како што информираат од НОБ, за да се одбележи традицијата на Василица, кога се крши лепче со паричка, на 13 јануари публиката во фоајето ќе има можност да земе лепче со паричка, а среќниот кому ќе му се падне ќе добие гратис-билети за целата сезона на Националната опера и балет.
– Традицијата востановена пред повеќе од 25 години продолжува, оваа година нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, де Либ, Штраус – помладиот, стои во соопштението од НОБ.
Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер – Дејан Прошев, концерт мајстор – Верица Ламбевска и хор мајстор – Јасмина Ѓорѓеска.
На концертот ќе настапат нашите оперски уметници Славица Петровска – Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети – Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Ирена Кавкалевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.