Најголемиот светски музички магазин, особено влијателен со своите рецензии, британски „Грамофон“ го вброи компакт-дискот „Варијации“ на македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески меѓу најдобрите солистички пијано албуми на годината, а неговата изведба на  2 сета варијации на Бетовен се најде на листата најдобри изведби на дела од големиот германски композитор во 2022 година, информира „КултурОп“.

Тројца мајстори на варијациите како форма – Бетовен, Брамс и Моцарт – ги истражува и очигледно ужива во нив  пијанистот Симон Трпчески на овој прекрасен албум“ – истакнува уредничкиот избор на „Грамофон“.

Албумот во март годинава го издаде британската етикета „Лин Рекордс“, а на својот прв самостоен компакт диск за оваа издавачка куќа, Симон Трпчески се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.

По повод излегувањето,  Трпчески појасни:

Многу сум среќен што излезе овој албум снимен во време на пандемија, во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на „Лин Рекордс“ и во тимска работа со „Бехштајн“ од Берлин успеавме да направиме еден многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри. Албумот го нарековме „Варијации“ и содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани, Моцарт да речеме од примери на неаполската школа на италијанските композитори  Сарти и Паизиело, а Бетовен од мотиви на руски теми од чешкиот композитор Пол Враницки. Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема. Целиот избор на репертоар и насловот „Варијации“ ги поврзав со обединување, обединување на човештвото против злото што го снајде и е еден убав показател дека музиката е универзален јазик кој на најчист можен начин може да ги обедини луѓето, како што тоа го направиле композиторите покажувајќи почит и љубов во поврзувањето на културите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.