Фестивалот на камерна музика „ЗЛАТНА ЛИРА“ што Сојузот на музичките уметници на Македонија СМУМ традиционално секоја година го организира во месец октомври, свечено ќе биде отворен во петок 14 октомври во Музејот на македонската борба со концертот на сопранот Биљана Јосифов во пијано придружба на Иван Еминовиќ. Програмата на концертот е посветена на оперското творештво на Волфганг Амадеус Моцарт, а публиката ќе има можност во изведба на Јосифов и Еминовиќ да слушне арии од познатите опери „Свадбата на Фигаро“, „Така прават сите“, „Бастиен и Бастиена“, „Идоменео“ и „Дон Џовани“.
Биљана Јосифов (1989) дипломира и магистрира соло пеење ФМУ во Скопје со посебна почест – cum laude (класа на проф. Славица Петровска – Галиќ). Природната вокална дарба и музикалност на Биљана е поткрепена со високо професионално и сценско претставување каде до израз доаѓа нејзината сопствена уметничка креација и топол контакт со публиката. Овие квалитети таа постојано ги надградува и усовршува посетувајќи семинари и соработувајќи со афирмирани музички уметници и професори од повеќе светски земји.
Нејзината посветеност и преданост кон музиката резултираат со бројни јавни настапи, концерти и натпревари на кои освојува бројни награди и признанија. Таа е солист во Националната опера и балет, а своето музичко деби го реализира на 18-годишна возраст. Нејзината досегашна биографија ги вбројува следните улоги: Бастиена во операта „Бастиен и Бастиена“ Втора дама во „Волшебната флејта“ на Моцарт, Јованче во детската опера „Јованче и Марика“ на Хумпердинк, Антонија во „Хофманови приказни“ на Офенбах, Фиордилиџи во „Така прават сите“ на Моцарт, Жувено во „Адриана Лекуврер“ на Чилеа, Виолета во „Травијата“ и Чепрано во „Риголето“ на Верди, Розина во „Севилскиот бербер“ на Росини, Кристин во „Фантомот на операта“, Музето во „Боеми“ на Пучини, Недда во „Палјачи“ на Леонкавали и други. На сцена ги одигрува и улогите на Дона Ана во „Дон Џовани“, Рада во „Змејовата невеста“, Придружната дама во „Магбет“, Маргарита во „Фауст“. Во 2017 година ја изведува сопранската соло делница во Деветтата симфонија на Бетовен.
Биљана настапува и како редовен гостин-солист со Македонската филхармонија и со Камерниот оркестар на Битола. Настапила на фестивалите „Скопско лето“, „Интерфест“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Есенски музички свечености“. Покрај редовните настапи со истакнати македонски уметници и диригенти, како солист Биљана настапувала и со врвни странски солисти и диригенти меѓу кои Даниела Деси (Италија), Џована Казола (Италија), Роберто Јачини (Италија), Микел Спадачини (Белгија), Џанлука Мартиненги (Италија), Енрико Довико (Италија), Јануш Пшибилски (Полска), Хуан Аткинс (САД), Ле Фи Фи (Виетнам), Валерио Гали (Италија), Џејсон Ерхарт (Канада) и други. Како солист во Националната опера и балет одиграла главни и споредни улоги во повеќе од 70 претстави, а настапила и на бројни солистички концерти и рецитали во земјата и надвор од нејзините граници во Италија, Бугарија, Русија, Босна и Херцеговина, Романија, Србија.
Роден во Скопје, Иван Еминовиќ музика започнува да изучува на 6-годишна возраст, посетувајќи најпрвин на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал повеќе број концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола, фестивалот ЕРТА во Осијек, Хрватска и други). Во јули 2018 диригира со Сараевската филхармонија по повод отварање на Башчаршиски ноќи во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет меѓу кои Травијата, Набуко, Дамата со камелии, Кармина Бурана, Севилски бербер, Кавалерија Рустикана, Жизел, Риголето, Евгениј Онегин, Адриана Лекуврер, Дон Џовани, Турандот, Реквием – Моцарт, како и многубројни концерти.
Влезот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.