АП(о)ТЕКА – МКЦ, информира дека утре во периодот од 12:00 до 17:00 часот, ќе организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод International Record Store Day 2022 (Celebrating The Indie Record Store).

Овој интернационален „Ден на независните музичките продавници“ во светски рамки се одржува од 2007, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава ќе ја организираме по петти пат. Ние започнавме во 2017 година. Следејќи го генералниот концепт на прославата и “Record Store Day Macedonia 2022” има свој “Ambassador”, промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски Record Store Day, му ја доделуваме на Горан Трајкоски (Сарацени, Афективен Набој, Падот на Византија, Апореа, Мизар, Анастасија, Готра, Мугер Фугер, Горан Трајкоски). Неговото име, во изминативе 40 години, се појавува испишано на 12 винилни изданија и на повеќе од 40 други формати (ЦД и касети), издадени во Македонија, Европа и светот. Тоа го прави еден од малкумината македонски музичари кои со своето творештво имаат оставено печат на 10 или повеќе музички изданија, објавени на винил (албуми, синглови или компилации). Само за потсетување, во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски, во 2019та на Стојче Цветановски и во 2021та на Александар Петрушевски-Пепе. Во 2020, породи Корона кризата, настанот не се организираше. Годинава, по петти пат, на интернационално ниво се промовира уште една почест, “Worldwide Record Store Legend”, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска “Worldwide Record Store Legend”, треба да му припадне на новинарот од кој низ годините наназад сите учевме – Љупчо Јолевски, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските но и на ретките македонски независни музички продавници. Во изминативе четири години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018), Бранислав Димитров-Бране (2019) и Гордан Калајџиев (2021)“, велат организаторите на настанот.

Појаснуваат дека годинава, за првпат, локално во Македонија, ќе следи доделување и на едно специјално признание на пионерите на Македонската рок музика, луѓето кои го воведувале винилот како медиум за траен запис на нивната музичка фасцинација.

На овогодишниот македонски Record Store Day, тоа признание (Пионери на винилот) го доделуваме на браќата Зоран и Димитрија Павловски, Зоко и Денки, легендарните гитарист и басист на ВИС Безимени и Република 903. Музичари чии звуци на гитарата и басот се забележани на првиот винилен носач на звук на кој се наоѓа и еден Македонски рок состав. Далечната 1969 година во Белград е снимена, и веднаш ставена на заедничка плоча, само една песна, инструментална преработка на традиционалната Си заљубив едно моме. Но и тоа ќе биде доволно да ја внесе Македонската рок музика во богатата Југословенската дискографска ризница. За жал тоа ќе остане и единствениот винилен носач на звук на кој се потпишани тие, како музички состав, но токму тие звуци започнаа да ја испишуваат убавата страница на Македонската рок историја. Ете, 53 години од овој настан, повторно ја споменуваме оваа плоча а некаде помеѓу овие временски рамки, се наредени уште повеќе од 350 винилни изданија на кои е забележан македонскиот рок сигнал. НИЕ сме им сериозно должни на оваа генерација на музичари, а ова признание нека биде само симболичен почеток на ера на признанија кои НИЕ но и државата, ќе ги адресира до нив….СОЗДАВАЧИТЕ на урбаниот македонски музички идентитет, е наведено во информацијата за настанот.

Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, самиот “Record Store Day Macedonia 2022” ќе биде одбележан и со промоција на две винилни изданија, кое за првпат се изготвени како RSD Exclusive Release. Се работи за компилациите Macedonian Dark Wave 1985-1989 и Macedonian New Wave 1979-1987 Vol.2. Обете објавени на LP формат во издание на Corpus Delicti Records.

Целиот славенички настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Robotek, Diah и Double G.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.