Најновата премиера во Битолскиот театар, трета по ред за сезона 2024, 2025 е ,,Ричард III“ од В. Шекспир во режија на Мартин Мирчевски, која ќе се прикаже в петок ( 25.октомври).
Се работи за независна продукција, во соработка со Битолскиот театар.
„Се радувам што нашиот колега Мартин, повторно се појавува како режисер на претстава, сметам дека ова е едно од најдобрите дела на Шекспир „Ричард трети“, истакна на денешната прес конференција директорот Васко Мавровски, додавајќи дека и оваа премиера е во рамките на програмата за одбележување на јубилејот на театарот, 80 години постоење.
Покрај премиерите, од 6.до 14 ноември ќе има секојдневни настани во театарот по повод јубилејот.

Ова е трет пат Мирчевски да режира претстава.
„Јас имам потреба да изградам некаков свет на сцената, да ги воведам гледачите, ние, јас, актерите и сите други да бидеме архитекти на некаков свет. Мислам дека театарот треба да се занимава со градење на светови. Театарот е возбуда, театарот е страст, кога ќе дојде публиката тука треба да плаче, да се смее, да поттикнеме емоции. Нашите претстави треба да ја вратат публиката, треба емотивно да ги допреме луѓето. Се занимаваме со човечката природа, со нашата темна и светла страна“.

Главното прашање е: Зошто имаме потреба да се самоуништуваме ние како вид?
„Во секој од нас постои некаков Ричард. Се поставуваат прашањата: зошто ние како луѓе имаме толку самоуништувачки нагон, сопствениот вид да го сотреме, дали постои некаде во природата некое друго суштество што толку има потреба себеси да се самоуништи? Ние всушност не живееме, ние преживуваме.Треба да се запрашаме колку се гледа некоја хуманистичка перспектива меѓу луѓето, дали гледаме само за себеси, дали нешто не интересира од нашиот тесен круг, дали само ние ако сме среќни, а другите околу нас не се, дали сме ние потполно среќни.Јас мислам дека не сме.Затоа што на тој начин не ја делиме нашата среќа со другите.Во претставата се занимаваме со лицемерието, полтронството, каде се лошите луѓе?Тие се тука меѓу нас“.

Претставата пренесува порака дека мора да направиме некаков чекор, да се бориме за својата слобода, потполна слобода како луѓе да одлучуваме. Треба да размислиме дали таа темна и светла страна во нас е вродена или се учи во текот на животот.
„И Ричард трети некогаш бил бебе, и најголемите убијци се родиле како најслатки наивни бебиња. Дали околностите во светот не прават да бидеме вакви какви што сме, или исконски во нас тлеело нешто такво“, додава режисерот.

Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски.
„ Јас ја играм лејди Ана, таа е најчистиот лик, или би требало да биде, но како што спомена режисерот во секој од нас живее по еден Ричард трети. Токму лејди Ана е еден пример како најдобрата, чиста душа во еден момент го добива тој ѓаволски призвук и уште еден пример за тоа дека човекот во својата природа може да оди до крајности. Станува збор за жена која губејќи го сопругот, го губи идентитетот“, истакна Викторија Степановска-Јанкуловска.

„Мене ми е втора соработка со Мартин како режисер, работевме заедно на Ревизор претходно. Јас го играм ликот на војвотката, мајката на Ричард, беше голем актерски предизвик да ја претставам мајката која го раѓа најголемиот убиец на едно време. Се поставува прашањето кои се тие ликови на Ричард трети, кои сме ние денес“, вели Маја Андоновска-Илијевски.

„Претставата е многу актуелна и тоа е за мене единствената задача на театарот, да се прават претстави кои говорат нешто за времето во кое живееме. Јас оваа година одбележувам 20 години од мојата прва професионална претстава, еве се поклопува со јубилејот на театарот, првата претстава беше токму со Мартин како партнер на сцената. Го играм ликот на Елизабета, една жена која е моментално на тронот, но скапо ја плаќа цената за тоа“, истакнува Илина Чоревска.

Преводот го направи Драги Михајловски, адаптација и режија Мартин Мирчевски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографија Андреј Ѓоргиевски – Папаз, (благодарност до Марија Пупучевска). Светло-мајстор Игор Мицевски, тон-мајстор Николче Терзиевски. Шминка и специјални ефекти Стефанија Илиевски, суфлер Гордана Михајловска, инспициент Димитар Михајловски.
Почетокот на премиерата е во 20 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.