Управата за заштита на културно наследство ќе изврши увид на фактичката состојба во археолошкото наоѓалиште Градиште, с. Глишиќ во Кавадарци во врска со тврдењата дека приватна фирма поставила фотоволтаици над археолошкиот локалитет.

– Во врска со соопштението дека приватна компанија поставила фотоволтаици над археолошкото наоѓалиште Градиште с. Глишиќ, Управата за заштита на културно наследство доби денеска пријава од стручни лица од Музеј-Галерија Кавадарци и ја известува јавноста дека по разгледувањето на целокупната документација во врска со предметната локација ќе изврши увид со цел увид во фактичката состојба и ќе постапи согласно своите надлежности, изјави за МИА директорката на Управата за заштита на културно наследство Весела Честоева.

Партијата Левица деновиве ја повика Управата за заштита на културно наследство да излезе во инспекција на фактичката состојба, тврдејќи дека поранешниот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ продал археолошко наоѓалиште на фирмата „Енерџи меинтененс Солушнс“ (ЕМС), дел од конзорциумот „Фероинвест“, во сопственост на поранешниот вицепремиер на СДС, Кочо Анѓушев, управувана од Тодор Анѓушев.

– Приватната компанија поставила фотоволтаици над археолошкото наоѓалиште Градиште во Кавадарци. Станува збор за поставување на панели, како и копање на довод на површина на опфат од фрапантни 0,9 хектари заштитена зона (археолошко наоѓалиште) отуѓено од Република Македонија со потпис на Бојан Маричиќ, тврди Левица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.