Kосовскиот уметник Албан Муја, кој летово имаше самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, со наслов „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ ја подари инсталацијата „HOTel” и со тоа ја збогати уметничката колекција на музејот.

Куратор на поставката беше Владимир Јанчевски.

Инсталацијата е составена од метална конструкција со светлечки натпис од пет букви, од кои само првите три се осветлени.

Тие се коментар на остатоците или траг од минатото или како знак на еден минат систем, кој се отсликува и на фасадите на урбаните градби и индустриските објекти во транзицискиот период. Делото на Муја е израз на интересот на уметникот за минливите општествени состојби, кои се читаат и преку знаците и симболите и нивното променливо значење во современиот контекст. Примарниот фокус при неговото конципирање е како коментар на руинираната индустрија во постсоцијалистичките општества Албанија и Југославија, како и последиците од таа трансформација.

Инсталацијата, која беше дел од неговото самостојно претставување во МСУ, беше поставена во текот на топлото скопско лето. Зборовната игра со акцент на „HOT“ отвори можност за нова реконтекстуализација и можеше да се толкува и како коментар на новите предизвици, опасностите од климатските промени и нашата (не)подготвеност за следната транзиција.

Муја има изложувано на различни самостојни и групни изложби, вклучително и филмски фестивали и Павилјонот на Република Косово на 58-то Венециско биенале.На македонската јавност и е познат преку неговата прва самостојна изложба „Именување“ во 2014 година, курирана од Владимир Јанчевски (SIA – Агенција за сериозни интереси, Скопје), како и преку меѓународната групна изложба „Сè што ни заедничко“ во 2018 година, курирана од Јованка Попова и Мира Гаќина (МСУ-Скопје).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.