Музичката култура е од исклучителна важност за секоја нација бидејќи преку неа се негуваат и промовираат традициите и вредностите, кои ја градат културната иднина на земјата, и токму затоа средствата што ги доделивме на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) имаат цел да ги унапредат условите за едукација на идните музички уметници, со што ќе се обезбеди континуитет во развојот на музичката култура и зачувување на националното културно наследство, потенцираа од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) осврнувајќи се на издвоените средства за потребите на ФМУ во висина од 3,384,000 денари.

„Музичките уметници играат круцијална улога во културниот и општествениот живот на државата. Тие нѐ промовираат и со своето творештво и професионализам придонесуваат за афирмација на македонската култура на светската сцена. ФМУ е местото каде што се создаваат идните професионалци, кои со своите таленти и знаења ќе ја претставуваат нашата држава во најубаво светло“, нагласи ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, посочувајќи дека целта на издвоените средства е да се обезбедат врвни услови за образование на талентите и создавање нови можности за нивно усовршување.

Со дел од средствата УКИМ ја поддржа обновата на концертната сала на ФМУ, каде што студентите може да се изразуваат и да ги покажат своите таленти пред јавноста, како и да се стекнат со сценско искуство, кое е од исклучително значење за нивниот кариерен развој. Освен тоа, обезбедена е и посебна просторија за рекреација и релаксација и уреден е просторот за физички активности, што е од огромно значење за академското и творечко искуство на студентите.

Сакаме нашите студенти засекогаш да ги паметат студентските денови, да стекнат врвно знаење и да имаат одлични услови за надградување на вештините. Затоа сме многу благодарни што УКИМ со издвоените средства за нас ни овозможи, покрај реновирањето и уредувањето, да набавиме и удирачки инструменти и пијано-столови, како и да одржиме концерт и фестивал, со што им отворивме нови можности на студентите“, нагласи деканката на ФМУ, проф. д-р Дарија Андоновска.

Активностите што се реализирани со поддршка на УКИМ имаат цел да создадат квалитетен простор за студентите, каде што ќе може да го достигнат својот полн потенцијал и да ги совладаат сите аспекти на музичката уметност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.