12.01. четврток – „Убавицата и ѕверот“ – 19 ч.
Еден од најдобрите и најчесто поставуваните драмски текстови на младиот српски драмски писател за деца Игор Бојовиќ, во 1998 година доживеа премиера во нашиот театар. УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ е првата детска претстава која го надмина бројот од 300 изведби.
Суровиот и себичен принц е казнет од Злобницата Волшебница, која го претвора во ѕвер. Зарем не е така и во животот? Зарем малку сурови луѓе со тек на време станале вистински ѕверови? Само убавината, добрината и љубовта го прават она што изгледа невозможно – суровоста да се претвори во човечност. Оѕверениот ѕвер, одглумен од незаменливиот Владимир Лазовски, многу брзо ќе ја засака најубавата меѓу најубавите т.е. Убавицата, претставена од прекрасната Ана Левајковиќ-Бошков. Но, за да биде симната клетвата на Злобницата Волшебница, оригинално и енергично одиграна од Катарина Илиевска-Силјановска, ќе мора и Убавицата да го засака Ѕверот. Ова се чини како невозможна мисија, доколку Ѕверот не добие неопходна помош од неговата помошничка наречена Скакулка, лик кој со маестрална леснотија и интеракција на сцената го донесе актерката Татјана Павловска Кочовска. За нејзината актерска бравурозност зборува и меѓународната актерска награда што за оваа улога таа ја има освоено на Суботичкиот Фестивал во 1998 год.
Дали Убавицата ќе се заљуби во Ѕверот и дали тој конечно ќе си го врати човечкиот лик, останува на Вас да откриете. И покрај тоа што генерации и генерации на деца израснале со оваа претстава, се уште е една од најпосетуваните наши претстави.
Играат: Ана Левајковиќ Бошков,Тања Кочовска,Владимир Лазовски,Драган Довлев,Катарина Илиевска Силјановска,Предраг Павловски.
13.01. петок – „Црвенкапа“ – 19 ч.
Уште една бајка за која не треба да се трошат зборови, зашто скоро и да нема дете на кое не му е позната приказната за девојчето, кое одејќи на пат кон куќичката на нејзината баба, во шумата налетува на волкот. Во драматуршката предлошка на Александар Поповиќ се појавува ликот на Иванка, која не постои во оригиналната приказна. Иванка е палавата другарка на Црвенкапа и во нашата претстава сосема солидно е одиграна од Винета Дамческа. За Ана Левајковиќ-Бошков, која ја толкува улогата на Црвенкапа, што и да се каже ќе биде премалку за да се опише нејзиното соживување со добро познатиот лик. Можеби најмаркантниот лик во оваа претстава е ликот на Волкот, одигран од феноменалниот Владимир Лазовски. Постојат и други Црвенкапи, на други театри, но ниедна од нив нема ваков Волк кој оставил толку силен впечаток кај детската публика. Прерано е да се каже дека ова е неговата животна улога, бидејќи Лазовски има потенцијал да им подари на децата уште многу вакви незаборавни театарски ликови. Ќе ги изеде ли Волкот Црвенкапа и Бабата, останува да проверете и да се уверите во сето она што сте го слушнале за оваа претстава.
Играат: Ана Левајковиќ Бошков, Винета Дамческа, Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Влдимир Лазовски, Драган Довлев.
14.01. сабота – „Тоби“ – 19 .
Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како непремостива препрека, никако не сте задоволни од сопствениот изглед.
Каква тага и горчина … Меѓутоа, ако имате, како јазовичарот Тоби, пријателка како госпоѓата Флора, вие многу брзо ќе ја надминете оваа безмислена грижа. Едноставно, со помош на пријателите ќе се видите себе си од еден сосема друг, среќен агол. Па, вие сте вешти, остроумни, а бога ми и многу згодни. И уште нешто, немојте да се китите со туѓи перја. Ќе излезете смешни.
И покрај овој суштински аспект на детската драма, во неа се читаат и откриваат навистина сеуште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, ,потоа дискриминација по нај различни основи, физички, социјални, расни итн. Во секој случај најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со онашто имаме да го понудиме на овој свет.
Режисер – Драгослав Тодоровиќ
Играат:Марија Ѓорѓијовска,Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска,Ана Левајковиќ Бошков,Мики Анчевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.