Младиот режисер Мартин Чичовски и неговите пријатели од „Марви продакшн“ денеска во 16 часот во киното „Фросина“ во Скопје ќе гостуваат на фестивалот „Џифони Македонија“. Тие ќе го промовираат нивниот нов ТВ-серијал „Генерација Бушави“, составен од шест епизоди. Станува збор за приказни што се инспирирани од животот на младите, дел од нив се и буквално базирани на реални настани со цел да го прикажат нивниот дух, став, менталитет и живот во овие бурни времиња.
Серијата ќе започне да се прикажува во ноември на платформата Gley.mk, од каде што денес подготвуваат прекрасно изнанадување за сите присутни во салата „Фросина“.
Мартин Чичовски ѝ е добро познат на публиката на „Џифони Македонија“, од која и самиот беше дел со години. Продуцент е Елена Тодорова, а оригиналната идеја е на Чичовски, Тодорова, Марија Додовска, Мелиса Дани и Леон Шумански. Улогите ги толкуваат: Аритон Положани, Јоана Симоновска, Вања Тројачанец, Тодор Стојковски, Димитрија Марковски и др.
На вчерашната програма на 10. издание на фестивалот, џифонци имаа можност да се дружат со актерите од импров групата „Настап“ од Скопје. Наталија Теодосиева, Сергеј Димовски и Мартин Манев уживаа во средбата со младите и со задоволство им открија дел од тајните на театарот на импровизација.
-Правила на игра мора да постојат за да излезе нешто од настапот. Иако станува збор за импров група и во ова има правила на игра. Некогаш со месеци вежбаме за да излезе некој настап. Во ова мора да бидете истрајни. Треба да се интересирате за повеќе работи во професијата што ќе ја изберете, така ретко кој ќе може да ве излаже за нешто – ги советуваше учениците, актерот Манев.
Теодосиева им откри колку страв имала пред неколку години кога им се придружила на тимот актери. Таа им посочи на младите што ќе изберат да се занимаваат со овој вид театар, всушност своите стравови да ги искористат за од нив да направат чекор, улога.
-Секојдневниот живот е најголема инспирација. Луѓето околу вас се ваши идни ликови – вели таа.
На прашањето дали треба да си екстровертна личност за да се занимаваш со оваа дејност, Теодосиева вели:
-Јас по природа не сум многу забавна личност, не знам ниту вицови да кажувам добро, но на сцена сум различна и преку играриите се подобрувам.
За актерот Димовски, постои голем стереотип дека комедијата генерално е потценет жанр, а според него, тој е можеби и најтешкиот.
-Лесно е некого да го расплачете, но не и да го насмеете. Кога имате комичен пристап на големи проблеми тоа многу подобро допира до публиката – вели Димовски.
Гости на фестивалот беа и италијанските уметници Роберто Геци и Антонио Масаруто, кои се занимаваат со ленд-арт. Тие се на резиденцијален престој во Македонија, во организација на италијанската амбасада во земјава. Вчера во Музејот на современата уметност во Скопје беше отворена и нивната изложба на платна и скулптури сработени во интеракција со природата во националниот парк Шар Планина. Геци е ликовен уметник, кој цел живот бил посветен на цртањето пејзажи, но одлучил да се насочи кон ленд-арт уметноста.
-Сакам да покажам колку е моќна природата. Поставувам платно во одредена околина и оставам времето и природата да го создадат делото.
Неговиот колега Масаруто, кој е вајар по професија, рече дека во уметноста, исто како и во животот, понекогаш доаѓа време кга треба да се заборави сѐ што претходно се работело и доживеало и да се почне од почеток. Изложбата ќе биде отворена до 26 октомври.
Џифонци вчера се запознаа и со полскиот режисер Конрад Аксинович, чиј автобиографски филм „Враќање во тие денови“ предизвика големо внимание.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.