Во Театарот за деца и младинци денеска 30.03 (четврток) со почеток во 19 часот на репертоарот е претставата „Црвенкапа“.
Уште една бајка за која не треба да се трошат зборови, зашто скоро и да нема дете на кое не му е позната приказната за девојчето, кое одејќи на пат кон куќичката на нејзината баба, во шумата налетува на волкот. Во драматуршката предлошка на Александар Поповиќ се појавува ликот на Иванка, која не постои во оригиналната приказна. Иванка е палавата другарка на Црвенкапа и во нашата претстава сосема солидно е одиграна од Винета Дамческа. За Ана Левајковиќ-Бошков, која ја толкува улогата на Црвенкапа, што и да се каже ќе биде премалку за да се опише нејзиното соживување со добро познатиот лик.

Можеби најмаркантниот лик во оваа претстава е ликот на Волкот, одигран од феноменалниот Владимир Лазовски. Постојат и други Црвенкапи, на други театри, но ниедна од нив нема ваков Волк кој оставил толку силен впечаток кај детската публика. Прерано е да се каже дека ова е неговата животна улога, бидејќи Лазовски има потенцијал да им подари на децата уште многу вакви незаборавни театарски ликови. Ќе ги изеде ли Волкот Црвенкапа и Бабата, останува да проверете и да се уверите во сето она што сте го слушнале за оваа претстава.
Играат: Ана Левајковиќ Бошков, Винета Дамческа, Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Влдимир Лазовски, Драган Довлев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.