Во Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп во тек се активностите за одбележување 45 години од формирањето. Во тој контекст, месецов се реализираат голем број културни настани, изложби, концерти и промоции, со кои ќе се одбележи годишнината. Институцијата како дом на културата ја започнува дејноста на 14 ноември 1979 г., со отворање изложба од прилепски автори и со специјално подготвената театарска претстава „Факел“ од Коце Солунски. И годинава годишнината ќе биде одбележана на 14 ноември со изложба на дела од Меѓународната ликовна колонија „Дрен 2024“ и концерт на „Фиа трио“.

На почетокот Домот на културата ги поттикнувал аматерските дејности: фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фотоклубови… Во 90-тите години во рамките на Домот на културата влегуваат Културно-просветната заедница (КПЗ) на градот Прилеп, Списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и Центарот за современа ликовна уметност, и Домот „Марко Цепенков“ прераснува во Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп со професионална значајна издавачка, ликовно-галериска и сценско- музичка дејност. Во 2004 г. го добива статусот: Национална установа Центар за култура „Марко Цепенков“ во чии рамки влегува театарот „Војдан Чернодрински“.

 

За својата исклучително значајна културна дејност, како и за извонредните, пред сè, театарски и музичко-сценски изведби, ликовна дејност, во 2009 г. НУ ЦК „Марко Цепенков“ ја доби најпрестижната награда на градот Прилеп – плакета „3 Ноември“. Воедно, во годината кога се одбележува значајниот јубилеј, Ликовната колонија „Дрен“ е наградена со „Третоноемвриска плакета“ од Општина Прилеп. Тоа е потврда за професионалниот ангажман на институцијата на полето на уметноста, односно културата во градот Прилеп.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.