Утре (вторник, 20.12.2022), на денот кога е напишано неговото „Писмо до внуката“ и кога неговата внука Калина ќе наполни 10 години, со почеток во 19 часот, КСП Центар „Јадро“ организира трибина за Горан Стефановски. Трибината ќе се одржи во просториите на КСП Центар „Јадро“ (ул. Алберт Ајнштајн 2, Центар) и е насловена „Сите лица на Горан Стефановски“. Со неа ќе се заокружат дискусиите за делото на истакнатиот драмски писател и есеист во текот на оваа година кога се навршија 70 години од неговото раѓање, но едновремено ќе се најави дека тие и воопшто вреднувањето на неговото творештво продолжуваат.

 

Настанот ќе започне со „Писмо до внуката“, со прочит од Благоја Чоревски – актерот кој прв пред камера го прочита овој текст на Горан Стефановски по неговото објавување. Потоа, низ разговор на Иван Антоновски и Ана Стојаноска ќе се оствари осврт на сите лица на Стефановски – за неговото драмско и есеитичко творештво, но и за Стефановски како интелектуалец.

Покрај дискусијата, на трибината ќе се слушнат и фрагменти од последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски, „Искрата што се измолкнува“, со прочит на студентот на Факултетот за драмски уметности при УКИМ, Кире Ацевски, но и пораки од видео-материјали со Стефановски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.