Tрибината „Македонските книжевни списанија пред новите предизвици“ ќе се одржи денеска во 11 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. На трибината ќе учествуваат: Стефан Марковски („Современост“), Славчо Ковилоски („Стожер“), Ана Витанова-Рингачева и Сузана Мицева („Зенит“), Даниела Андоновска-Трајковска („Раст“ и „Современи дијалози“), Сашо Огненовски („Книжевни елементи“) и Јордан Коцевски и Марина Шокева („Е-Лит“). Уредниците ќе ги поздрави директорката на библиотеката, Снежана Стојчевска. По претставувањето на секое од списанијата, следува дебата која ќе ја модерира: Виолета Танчева Златева.
Целта на трибината е да отвори дел од прашањата со кои се соочуваат актуелните специјализирани списанија: вреднувањето на авторскиот труд, изнаоѓање модели на одржливост, дистрибуција, достапност до публиката, преводните текстови и нивна промоција, третманот на актуелните книжевни настани, продолжувањето на традицијата и следењето на современите текови, дигитализиарањето и е-изданијата – велат од библиотеката.
Средбата ќе почне со посета на Одделот за периодика каде се чуваат и првите броеви од сите списанија од Македонија. Така, уредниците од сегашните редакции ќе можат да се потсетат на работата на нивните претходници, а во одредни случаи и на традицијата долга и неколку децении. Трибината се организира во соработка со Библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.