Три претстави во официјалната програма ќе бидат на програмата на шестиот ден на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Први во 17 часот на сценaта на театарот во Прилеп ќе гостува Театарот за деца и младинци од Скопје со младинската „Франкенштајн“, по мотиви од истоимениот роман „Франкенштајн“ од Мери Шели. Режијата е на Кокан Младеновиќ.
Улогите ги толкуваат: Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Maтеа Јанковска Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска.
Романот „Франкенштајн“ од Мери Шели ни послужи како повод за истоимената претстава која има цел да ги истражува различните практики на дискриминација во општеството во кое живееме. Прашањето кој е и што е; што може да биде и кој сè може да биде „чудовиште“, а пред сè прашањето кој проценува и одредува дека Другиот е чудовиштен – е темата на оваа наша претстава. Веднаш по претставата ќе следуваат разговори на тркалезна маса.
Во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Едвард Втори“ во продукција на „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес. Претставата е во копродукција со Драмски театар „Масалитинов“, Пловдив. Претставата во режија на Андриј Жолдак, е по текст на Сашо Димоски според А. Жолдак и К. Марлоу. Улогите ги толкуваат: Борис Крстев, Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Тодор Стојковски, Сандра Танчева – Марго, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски.
Театарот „Ацо Шопов“ од Штип ќе гостува на фестивалот вечерва во 22 часот на сцената на Прилепскиот театар, со претставата „Демонот од Дебар Маало“, според текст на Горан Стефановски, а во режија на Наташа Поплавска. Улогите ги толкуваат: Пеце Ристевски, Марија Минчева-Андонов, Ефтим Траjчов, Валентина Ѓоргиевска, Владимир Тулиев, Миле Вратеовски, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова-Дербов, Раде Рогожарев, Стефанија Митовска и Даријан Петров.
И денес продолжуваат разговорите на тркалезната маса за претставите што синоќа беа изведени во Прилеп. Со бурни аплаузи и овации беа наградени актерските екипи на „Ало! Ало“ на Театар Комедија и на „Дупло дно“ на Народниот театар од Прилеп, кој има голема поддршка од прилепската публика.
Во 11 часот ќе биде промовирана книгата „За комичното и хуморот“ на Иван Џепароски, во издание на Театар Комедија. За книгата ќе зборува Дарко Спасов, директор на театарот и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Монографијата „Театар Куманово 75 години (1948-2013)“ беше промовирана вчера, а за неа зборуваа авторите – тројца драматурзи и актерката Кети Дончевска-Илиќ.
Нaјавувајќи го ова дело – историја за кумановскиот театар насловено „Театар Куманово 75 години (1948-2023), режисерот Милош Б. Андоновски потенцираше дека ова е прва од ваков вид монографија за театарот. Имало само печатено издание за периодот 1961-1971 година.
За уредникот на монографијата, актерката Кети Донческа Илиќ, најфасцинантна е енергијата која се чувствува низ страниците и фотографиите на монографијата.
-Во монографијата се концентриравме на фотографиите. Посебно од гостувањата на театарот. За жал, за некои претстави не најдовме материјал, ама многу е битно што под секоја фотографија се и имињата на актерите. Инаку, театарот веќе четврта година се реновира, тоа е тешка ситуација зашто сме „кираџии“ во Домот на културата. Се надеваме дека наскоро ќе заврши, зашто се пробиени сите рокови, објаснува Дончевска Илиќ.
На монографијата работеле тројца драматурзи и еден актер. Драматургот Сашо Костовски смета дека е внесена историјата и на градот, и на театарот, особено се посебни деталите забележани во инспициентските тетратки.
-Се пренесува сета енергија низ 75-те години, која ги опфаќа сите чувства. Внимание привлекоа нотираните, интересни, необични моменти во инспицинтските тетратки. На пример, кој кога задоцнил на претстава, кој дошол поднапиен. Тоа е историја. Посебно пријатно вчудовидува што во 60-тите години од минатиот век годишно имало дури 12 премиери, рече Костовски.
Инаку, сите режисери, родум од Куманово, режирале во кумановскиот театар.
Впечатоци од претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани, на Битолскиот театар сподели публиката присутна во Центарот за култура. Се отворија прашањата за театарот и претставите кои зборуваат за проблемите во општеството што е и смислата на театарската уметност.
-Голема обврска е да се донесе тој социјален реализам во директен контакт со публиката која на малата сцена во Центарот за култура речиси беше во директен контакт со дејството и актерите кои на сцена беа 17, рече модераторката Јована Горѓиовска.
Драматургот Билјана Крајчевска, во отсуство на режисерот ги објасни интервенциите.
-Интервенциите беа според концептот на режисерот. Да се работи на текст од 1905 година не е лесно. Осовременувањето бара многу интервенции. Ликовите добија неколку промени. Имаше неколку драматуршки интервенции, се внесоа и авторски текстови, рече Крајчевска.
Актерот Иван Јерчиќ нагласи дека идејата било дејството да се ослободи од секакво лицемерие.
-Наша мисија, мисија на театарот е да се занимаваме со проблемите во општеството, да отвориме повеќе прашања. Театарот има смисла ако кај публиката предизвика барем едно прашање, рече Јерчиќ.
Актерот Никола Стефанов го потенцираше заедништвото на актерската екипа.
-На сцената бевме 17 луѓе. Ова е колективна претстава и еден да отсуствува, би настанал хаос, рече Стефанов.
Актерката Илина Чоревска рече дека актуелноста на претставата е голема.
-Сите како да живееме токму како дејството во претставата. Ова, се чини, е вистинското време за актуелноста на текстот „На дното“. Репликите што ги изговараме за тоа кога си на дното се наши и сите речиси ги направивме по сопствено искуство. Ваквиот концепт на претставата нуди во секое излегување на сцената да си поинаков, а пак да не се загуби основната линија, рече Чоревска.
Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска, смета дека таков театар ни недостига.
-Ни недостасува театар кој гласно го говори она кое сите го премолчуваат. Оваа претстава ми даде сила да помислам: Добро си онаму каде што си. Има и некој друг што така размислува, рече Стојаноска.
Во претставата „На дното“ музиката е силен контрапункт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.