Во Музејот на Народната банка на 7 јануари, по шест месеци поставка, се затвора изложбата „В/редности и вредности“, која беше посветена на културното наследство претставено на тековното издание на македонските книжни пари. Изложбата беше организирана како дел од активностите со кои Народната банка ја одбележа 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.
Изложбата „В/редности и вредности“, која преку отстапување на артефактите беше поддржана од седум македонски музеи, овозможи увид во уникатната селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари од 1996 година до денес. Во рамките на поставката на отворената изложба беа изложени историските и културните вредности преточени на македонските пари. Во изминативе години Народната банка, како и преку изложбата, дава постојан придонес кон богатото историско, археолошко и културно наследство на македонската држава, заложувајќи се за натамошно зачувување на духовните и мултикултурните вредности на државата, преточени во ликот на македонските пари.
Во изминативе шест месеци, започнувајќи од 7 јули 2022 година, Музејот на Народната банка беше домаќин на околу 3000 посетители, кои ги видоа охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката „икона“ „Јошуа и Калеб“ , боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно обележјата на најзначајното археолошко, уметничко, архитектонско и природно наследство на овдешните простори отсликани на нашата валута. Музејскиот простор и поставките беа искористени за одржување интервјуа, дебати, излагања и јавни настани. Беа организирани и околу 100 предавања за ученици од основните и средните училишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.