Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска присуствува на 42. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз каде што пред отворањето, заедно со премиерот Димитар Ковачевски беа пречекани од генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.

На средбата беше истакнато задоволството од досегашните резултати од интензивната соработка на Македонија со Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, во годината кога нашата земја ја одбележува 30-годишнината од членството во Организацијата.

Особен акцент беше ставен на континуираната и одлична соработка со Центарот за светско наследство и советодавните тела и нивната експертска помош во заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

– Од особено значење за соработката на Северна Макeдонија со УНЕСКО е нашиот активен придонес во афирмацијата на политиките и процесите на Светската организација, како и конструктивната соработка со другите држави членки – посочи министерката Костадиновска- Стојчевска.

Пример за вклученост во иницијативите и активностите на Организацијата се и обновената Катедра за интеркултурни студии и истражување во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и новоформираната Катедра за писменоста за иднината и медиумска писменост во рамките на Институтот за комуникациски студии од Скопје, како дел од Мрежата на УНЕСКО на катедри (UNESCO/UNITWIN).

Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, свое обраќање на 42. Генерална конференција на УНЕСКО ќе има утре каде што официјални обраќања имаат претставниците на државите членки, а се разгледуваат генералните политики на Организацијата



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.